Сѐ што лета не се јаде!?
Европа ветувала и ќе ветува, ако најде наивни, како што нам ни дозволува да правиме преседани, какви што таму не би поминале ниту на сон (вадење убијци од затвор за да гласаат во парламентот!), за што, исто така, еден убав ден, ќе ни држи лекции, ќе ни трие сол врз главите и со наши камења ќе ни ги крши.
(Сѐ што не е во сајбер просторот – го нема!?)
Дали да се игнорира еден „обихновен“ Бугарин, по вокација археолог, затоа што си дозволил себе си да се помајтапи, да ги изнавреди Македоците, кои на Европското фудбалко првенство „заминале како арслани, а се вратиле како посрани“!?
Уште и објавено во весникот „Труд“, во форма на колумна.
Зависи од вкусот на поединецот, а за вкусовите, нели, не се дискутира.
Со ваква дилема и спротиставени коментари се соочив постирајќи го коментарот на извесниот археолог, додавајќи, како противтежа еден друг коментар, објавен на српска телевизија: „Нажалост ми нисмо тамо, али, су зато тамо НАША БРАЌА МАКЕДОНЦИ И НАШИ ХРВАТИ“.
За извесниот археолог, за разлика од Србите, за кои сме браќа, ние сме „братучеди“.
Браќа или братучеди, Бугарите се исчудуваат: како тоа да не сме ги сакале!? Како е тоа можно? Ние сме ги навредувале, а тие, кога нѐ нарекуваат посрани, демек, нѐ мазнат, нѐ погалуваат!!!
Затоа не треба да се игнорира. Треба да се коментира, треба да се објасни и дообјасни, башка што добрососедството и пријателството не се еднонасочна улица, што и за љубов и за кавга, и за бокс и за танго – потребни се двајца.
Браќа или братучеди – сеедно, две кокошки не несат јајца во исто легло!
Сѐ што лета не се јаде, и сѐ што не е во сајбер просторот – го нема! Не постои!
Затоа, игнорантите не се во право, тоа е линија на помал отпор, тоа е опортунитет на кој особено треба да внимаваат политичарите, пред сѐ, дипломатите. Тоа e, едноставно, реципроцитет.
Оние што одат во Софија, и кога треба и кога не треба, најмалку што им е дозволено е умилкувањето. Тие добро треба да ја знаат крилатицата на една државна глава со македонски „происход“ (отРесен): „малку со арно, малку со ќотек!“.
Така Бугарите ги решавале своите „вопроси“ во минатото, така ги решаваат и денес. Денес, треба да се придодаде: малку со глупост, малку со разум!
Тоа најубаво го опишува професорот Атанас Вангелов: каква е таа колосална глупост од некого да бараш во ООН да се произнесе самиот дека не постои, а потоа да бараш да преговараш – со тој што не постои!
Кога ќе се соочиш со таква ситуација, со таков сосед, со таква државна политика која, на такви колосални „мудрости“, го затрула 80 отсто од своето население, тука нема простор за игнорирање. Бугарија, монархофашистичка (не денешна и не бугарскиот народ во целина) беа во друштвото со Гебелс и тие добро знаат дека сто пати повторена (а не демантирана!) лага станува вистина.
Затоа, прстот на умот, додека не заминал кумот!
Особено на ова сме обврзани ние, кои, во јавниот прстор, уште од првиот ден, дававме силна поддршка на приближувањето на Македонија кон Бугарија, на невидено го поддржавме Договорот за добрососедство, како можност, како алатка за долго посакуваното доближување на двата народa и двете земји, како што го поддржувавме процесот со Грција.
Во „ослободувањето!“ (анектирањето) на Македонија, кон крајот на 1940-та година, тогашната бугарска фашистичка солдатестка, како одговор на подарок од Хитлер, Царска Бугарија партиципираше со 5 дивизии војска. Ова го пишува Черчил, не го кажувам јас.
Арно, ама, денес, сѐ уште, се наоѓаат „мудреци!“, па и наши колеги (некои Колчаковци кои кршат крастави колчиња!), те ќе ви кажат дека не е окупирана Македонија, туку некоја територија, некоја непостоечка земја (демек и нација!) дека не се окупирани (анектирани) Македонци, туку некои – османлиски робови! Демек и Алберт Ајнштајн велел: „Секоја будала може да знае, поентата е да се разбере“!
Е, јака работа! Еми, ако е така, тогаш, напиши како е заведен дедо ти на пристаништето во Њуојорк, кога пристигнал како печалбар од Македонија? Според Ајнштан и ова би требало да биде сосема релативно, или ирелевантно. Малку си помешал баби и жаби (суштина и формалност), ама млад си, ќе ти простиме!!!
Убаво вели професорката Најчевска: ако се молчи, ако не се одговара и аргументира, ако нема реципроцитет, особено во билатералното договарање, тогаш нема и договарање! Тогаш, се сведува на ултиматум! Белким не сме дојдени до тоа дереџе да кренеме бело знаме!?
Кон тоа водат речникот и изјавата на првата државна глава, генералот Радев, и неговиот експонент овде – Колев, за наводната, „дискриминација и загрозеност на Бугарите во Македонија“! Ако постои таков проблем, тој не се решава со вета и блокади, туку со многу поагресивни средства, па и со воена интервенција ако треба за „ослободување на Бугарите“ на „окупираните територии“ (професор Спасов).
Најверојатно, сега, треба загрозените да се спасуваат, на ист начин, како во Првата, во Втората балканска војна и во време на Втората светска војна, во кои секогаш доживуваа пораз, но не извлекуваа поука. Нели, таква закана веќе беше испратена од воениот министер Каракачанов!?
И на крајот. Делуваат утешно, ама, никако не смееме да дозволиме да нѐ омајуваат приспивно изјавите на овде испратените дипломати (нека се и од нашите стратешки партнери – Америте) за искрените жалења од тоа што Бугарите уште еднаш нѐ блокирале! Тоа се приказни за мали деца. Тука владеат само интересите и нивната градација. Сепак, Бугарија е таа што излегува на Црното Море, те, и за НАТО и САД, таа се допира со Русија, а не ние.
Исто така, предупредување за крај, нашите умни државни глави, нека се мавнат од флоскулата: Европа ни вети, Европа нека си го решава проблемот, ова не е наш билатерален проблем, ова е европски проблем!?
Тоа се само бајки и себезалажувања. Европа ветувала и ќе ветува, ако најде наивни, како што нам ни дозволува да правиме преседани, какви што таму не би поминале ниту на сон (вадење убијци од затвор за да гласаат во парламентот!), за што, исто така, еден убав ден, ќе ни држи лекции, ќе ни трие сол врз главите и со наши камења ќе ни ги крши.
Сѐ што лета не се јаде!?