СЀ ШТО Е ТОЈ, ЈАС НЕМА ДА БИДАМ Лабудовиќ му порача на Герасимовски дека го оставил Центар во хаос
Актер е актуелниот градоначалник кој, за да го покрие својот криминал и корупција, во последниот месец од мандатот глуми дека работи, вели кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ.
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија и кандидатот за градоначалник на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, вечерва свечено го отворија изборниот штаб на Рекорд.
Во своето обраќање, Лабудовиќ упати критики до актуелниот градоначалник и состојбата што ја оставил зад себе:
– Денеска Центар е сотрен – економски, сообраќајно и безбедносно! Наместо да ја води општината, актуелниот градоначалник ја остави во хаос – со блокирани улици, без ред во урбанизмот, без безбедност за граѓаните и со уништена економија. Оттука сакам јасно да му порачам: сè што е тој – јас нема да бидам! Јас не се кандидирам за актер, јас се кандидирам за градоначалник. Актер е актуелниот градоначалник кој, за да го покрие својот криминал и корупција, во последниот месец од мандатот глуми дека работи – рече Лабудовиќ.
На Центар му е потребен домаќин, а не актер – потребен му ечовек кој ќе стави ред, а јас ве уверувам дека тоа најдобро ќе го направам, додаде Лабудовиќ.
– Јас и мојот тим ќе бидеме различни, чесни, одговорни и посветени на граѓаните. Ќе работиме од првиот до последниот ден на мандатот, со младите и со сите граѓани, без фаворизирање и поделби. Ќе поттикнеме култура и спорт, ќе вратиме ред и ќе изградиме Центар кој ќе биде гордост, а не срам за главниот град – рече тој.
Лабудовиќ најави дека проблемите нема да се оставаат за „некогаш“, туку ќе почнат да се решаваат веднаш:
– Уште во првата година ќе ги почувствувате промените. А за четири години, Центар ќе биде организирана и модерна општина со ред, сообраќаен план и безбедност за секој жител – рече тој.
Додаде дека новоотворениот штаб нема да биде само место за кампања, туку вистински дом на граѓаните:
– Ова не е само штаб, ова е наш заеднички дом од каде ја започнуваме битката за почиста, поуредена и побезбедна Општина Центар. Заедно ќе го вратиме духот на маалата, ќе создадеме повеќе зелени површини, ред во сообраќајот и подобар квалитет на живот за сите – рече Лабудовиќ.
На отворањето присуствуваа и се обратија носителот на советничката листа за Центар, Крумислав Барзов Мишко, како и носителот на градската листа на Движењето ЗНАМ, генерал Горанчо Котевски. И двајцата дадоа силна поддршка на заедничката борба за промени во главниот град и порачаа дека Центар заслужува ново лице, нова енергија и вистинско лидерство.