СЀ ПОМАЛКУ ЛУЃЕ СЕ ВОЗАТ СО АВТОБУС Милиони помалку патници, но повеќе патувања на долги релации
Пад на бројот на патници, но раст на километражата поради подолги релации и меѓународни патувања, објави Државниот завод за статиска.
Во вториот квартал од 2025 година во патничкиот патен превоз се превезени 10.007.000 патници, што претставува намалување од 6,3 проценти во однос на истиот квартал минатата година, соопшти Државниот завод за статистика.
Според податоците, најголем пад е регистриран кај меѓународниот превоз – 27,7 проценти, додека кај градскиот превоз бројката е намалена за 10,6 проценти. Кај меѓуградскиот превоз падот изнесува 5,2 проценти, а во приградскиот 3,5 проценти.
Иако бројот на патници е намален, вкупниот број на патнички километри во второто тримесечје од годинава достигнал 256.889.000, што е зголемување од 19,3 проценти во однос на истиот период лани. Зголемување е забележано кај градскиот превоз за 35,4 проценти, кај приградскиот за 9,1 процент и кај меѓународниот за 32,5 проценти, додека кај меѓуградскиот превоз е регистрирано мало намалување од 0,2 проценти.
Од Заводот за статистика велат дека податоците ја отсликуваат динамиката на движењето на населението, како и различните трендови во јавниот и меѓународниот превоз.
„Иако вкупниот број на патници бележи пад, подолгите релации и меѓународните патувања придонесуваат за зголемување на бројот на патнички километри“, наведуваат од институцијата.