СЀ ЌЕ НАПРАВИМЕ ЗА ДОГОВОР СО САД, АМА ГРЕНЛАНД НЕ ГО ДАВАМЕ Стариот свет го нема, Европа мора да се потпре на вооружувањето

Кога Европа се обединува, се брани и зборува со еден глас, тогаш функционира. Сега имаме дипломатски пат со Американците и мора да видиме дали можеме да постигнеме договор, вели премиерката на Данска, Мете Фредериксен.

125

Данска има намера да направи сè што може за да постигне договор со САД за Гренланд, освен да се откаже од територијата, изјави денеска премиерката Мете Фредериксен.

На прашањето дали територијата на Гренланд може да им биде предадена на САД, Фредериксен рече дека таков потег е незамислив.






Откако инсистираше дека САД треба да имаат сопственост врз автономниот дански остров, претседателот на САД Доналд Трамп минатата недела ја отфрли можноста за употреба на сила за да го стекне и рече дека постои „рамка за иден договор во однос на Гренланд“.

Неговите забелешки следеа по разговорите со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на маргините на Светскиот економски форум во Давос.

Трамп, исто така, ја повлече заканата од санкции што претходно ги најави за европските сојузници кои ја поддржаа Данска.

Фредериксен го смета ова за успех во конфликтот со САД.

– Кога Европа се обединува, се брани и зборува со еден глас, тогаш функционира. Сега имаме дипломатски пат со Американците и мора да видиме дали можеме да постигнеме договор – рече таа.

Фредериксен одби да ја открие содржината на разговорите со САД и рече дека не е јасно колку долго ќе траат преговорите.

– Паралелно со разговорите што сега ги водиме со Американците, ние Европејците мора да си бидеме јасни дека стариот свет го нема. Не верувам дека ќе се врати. За нас Европејците, од таа причина е од најголема важност да се потпираме на вооружувањето – заклучи Фредериксен.

Поврзани содржини