СЀ БИ ДАЛ ДА СПРЕЧАМ СТРАДАЊЕ Мицкоски загрижен за резервите во земјава
За мене како човек и како Македонец е важно како Македонија ќе се справи со актуелните предизвици на економски и енергетски план, какви се резервите со кои Македонија располага во услови на криза која надоаѓа, вели Мицкоски.
Жалам што не можам да сторам повеќе, а сѐ би дал да можам да спречам страдање на цивилите и невини човечки жртви, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со нападот на Русија врз Украина.
– Но она што исто е важно за мене како човек и како Македонец, како Македонија ќе се справи со актуелните предизвици на економски и енергетски план, какви се резервите со кои Македонија располага во услови на криза која надоаѓа, ќе продолжи ли криминалот и корупцијата, како и распродавањето на националните интереси… Работата на политичарите е да воспостават мир, да градат пријателства и да се даде шанса на дипломатијата. Да се сочува меѓународното право и принципи, да се сопре агресијата и да се почитува територијалниот интегритет на секоја независна и суверена држава – смета тој.
Мицкоски нагласи дека својот став го кажал јасно и во лице пред дваесет дена на состанок со амбасадорот на Руската федерација во Македонија кому му рекол дека територијалниот интегритет на Украина, како и на секоја суверена земја, е константа и мора да се почитува, а сите различни ставови во поглед на актуелните прашања да се решат по дипломатски пат.
– Ме прашуваат за став за руската агресија врз Украина, а партиските глодари на СДСМ и ДУИ дополнително ќе речат сум немал став додека ја чекаат коската која треба да ја добијат од стопанот со крадени народни пари – додаде тој.