Сјајот и бедата на „ослободителните“ движења – ДУИ vs. АНК
Владата во која доминира некогашната милитантна организација во борбата против апартхејдот, сега „позеленета“, ветува брзо, речиси „магично“, решение за енергетската криза и недостатокот на електрична енергија, а тоа е брза зелена енергетска транзиција. Со ова ново ветување за брзо решавање на проблемот сака да ја прикрие својата долгогодишна неспособност да го оддржи енергетскиот сектор на земјата, ветувајќи ефтина струја од сонце и ветер, а можеби наскоро и од магла.
Организирани криминални групи, блиски до највисоките државни функционери од владејачката партија, преку корупција изнесуваат во просек околу 50 милиони евра месечно од државната електро-енергетска компанија. Тоа го прават главно од ископ и препродажба на јаглен од приватни подизведувачи и намерни саботажи на системот за да добиваат тендери за ремонт на котлите. Преку саботажа на скапите трансформатори подоцна на тендер ги купуваат истите од приватни добавувачи, полнејќи ги џебовите на клановите на власт.
Владата во која доминира некогашната милитантна организација во борбата против апартхејдот, сега „позеленета“, ветува брзо, речиси „магично“, решение за енергетската криза и недостатокот на електрична енергија, а тоа е брза зелена енергетска транзиција. Со ова ново ветување за брзо решавање на проблемот сака да ја прикрие својата долгогодишна неспособност да го оддржи енергетскиот сектор на земјата, ветувајќи ефтина струја од сонце и ветер, а можеби наскоро и од магла.
Сите досегашни проекти од обновливи извори преку државната компанија се во застој, додека дел од приватните моќници приклучуваат соларни централи на мрежа која не може да ги издржи дневните пикови. Со оправдување за грижа кон природата и климата, владеjачката партија купува време и надеж до изборите 2024 година кај населението, додека создава нова корумпирана политичко-бизнис елита во делот на обновливите извори на енергија, кои се добри, но не соодветствуваат на актуелните потреби на земјата која има потреба од стабилен и силен извор на енергија.
Република Македонија во 2023 година? Не! Наведеното се однесува на Јужноафриканската Република (ЈАР). Сличноста не е случајна. Африканскиот Национален Конгрес (АНК), своевремено предводен од легендарниот водач Нелсон Мандела, кој почина пред точно десет години, управува со ЈАР од 1994 година, кога по долгогодишни расни и политички тензии и борба на црното население за основните човекови права на чело со нивниот лидер Нелсон Мандела, режимот на апартхејдот конечно беше поразен и по пат на политички договор е направена транзиција на власта.
II.
Република Македонија својот зенит на економски, културен и општествен план го достигна во неколкуте години пред финансиската криза и Големата Рецесија, од 2006 до 2009 година. Беа потребни неколку години за да се залечат раните од воениот конфликт во 2001 година, а промената на власта по парламентарните избори од 2006 година внесе ентузијазам и надеж во иднината кај македонските граѓани. Економијата растеше со највисоки стапки на раст од над 5% годишно, домаќинствата и граѓаните инвестираа и земјата во краток временски период стана препознатлива како привлечна дестинација за странските инвеститори.
Оценките за напредокот во процесот на приближување кон ЕУ, изнесени во годишните извештаи на Европската Комисија, беа прилично ласкави. Но, на политички план ситуацијата се комплицираше. ДУИ, кои останаа во опозиција во двете години од 2006 до 2008 година, вршеа невиден притисок преку своите структури за влез во власта. За ова имаа поддршка и кај одредени кругови во меѓународната заедница. Владеjачката ВМРО-ДПМНЕ беше принудена да преговара со претставници на ДУИ во текот на зимата и пролетта 2008 година, што ги наруши односите со коалицискиот партнер во владата ДПА (Демократска партија на Албанците). По вонредните парламентарни избори во 2008 година, ДУИ влезе во владата за таму да остане во континуитет во наредните 15 години до сега.
Оваа 2023 година Република Македонија го доби најлошиот извештај од Европската Комисија за напредокот (читај: назадувањето) во реформите. Влијателни странски амбасадори отворено ни соопштуваат дека дното е постигнато во текот на изминатите три-четири години и дека е крајно време да престанеме и понатаму да ја копаме дупката во која се наоѓаме. Институциите се деградирани. Не е очајна состојбата само во судството, кое посебно се апострофира. Економијата стагнира, со стапки на раст блиску до нулата. Образованието и здравството се во очајна состојба. Корупцијата е на највисоко можно ниво по осамостојувањето и ги има разорено сите институции. Јавниот сектор е преплавен со некомпетентни кадри и товарот на нивното функционирање е оставен на мал број ентузијасти и патриоти. Социјалниот мир се одржува со популистички мерки и неразумно расфрлање пари позајмени од надвор.
Како дојдовме до ова дереџе?
III.
По парламентарните избори одржани во 1998 година, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски формираше коалициска влада со Демократската Алтернатива на Тупурковски и Демократската партија на Албанците (ДПА) на покојниот Арбен Џафери. Како владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ примат ставија на подобрување на меѓуетничките односи во земјата и унапредување на правата на етничките Албанци.
Сакале ние да признаеме или не, етничките Албанци беа во голема мера дискриминирани, за што говорат ограничувањата во областа на образованието на мајчин јазик (посебно средното и високото), како и екстремно ниската застапеност во државната и јавната администрација, а особено во полицијата и раководниот кадар во армијата.
Во 2000 година, по долг низ години на одолговлекување, се донесе новиот Закон за високото образование, со кој се легализираше наставата на Албански јазик. Постоеше силна волја за исправање на неправдите од минатото, во насока на хармоничен развој на земјата на меѓуетнички план, за што сум сведок како член на тогашната влада во 1999-2000 година. За жал, во 2001 година дојде до прелевање на конфликтот од Косово во Македонија, кој се оконча со потпишување на Рамковниот договор во август 2001 година, под патронат на меѓународната заедница. Од него се изнедри партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) која со кратка пауза од 2 години (2006-2008) е учесник во сите досегашни влади во изминатите 20 години. Иредентизмот и „визијата“ за „сите Албанци во една држава“ ДУИ ја замени со политичка борба за унапредување на правата на Албанците во Македонија и нивна целосна рамноправност со граѓаните припадници на мнозинскиот народ.
IV.
Во периодот до 2015 година, до настапувањето на политичката криза во земјата и почетокот на падот на премиерот Никола Груевски, поврзано со обелоденувањето на прислушкуваните разговори, ДУИ беше прилично инфериорен партнер во Владата, со два главни приоритети – амнестија на сопственото раководството од кривично гонење за злоделата направени за време на конфликтот од 2001 година и „правична застапеност“ на етничките Албанци во институците од јавниот сектор, според претпоставеното учество во вкупното резидентно население во земјата, во отсуство на валиден попис на населението. И двете цели беа постигнати. Парламентот изгласа амнестија за т.н. „Хашки случаи“, а постепено и со доста тензии се зголемуваше учеството на етничките Албанци во јавната администрација, многу често за сметка на мнозинската етничка заедница.
Со еден недугав потег и своевиден автогол на премиерот Груевски, со кој требаше да се основа уште еден државен универзитет на Македонски јазик во Скопје („Дамјан Груев“), се дозволи формирање на втор државен универзитет на Албански јазик („Мајка Тереза“), на само 40 километри од веќе постоечкиот Тетовски универзитет и универзитетот „Југоисточна Европа“.
„Златното доба“ за ДУИ настапи откако по парламентарните избори одржани во 2016 година одлучија да влезат во новата влада со коалицијата предводена од СДСМ, иако таа освои помал број пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во наредните шест и пол години ДУИ „дебело“ си ја наплати оваа услуга кон губитничкиот СДСМ. Во врвот на владата се инсталира паралелен премиер (номинално самопрогласен прв вице-премиер), а ДУИ ги презеде „командните врвови во економијата“, системите за здравствена заштита и пензиско-инвалидско осигурување и во образованието. Сеуште е на сила некаков „балансер“ за правична застапеност во институциите, кој не важи за низа институции со кои подолг период раководат кадри од ДУИ, каде учеството на етнички Албанци во вкупниот број вработени, особено на раководните места, надминува 40-50%, а најмалку се применува на локално ниво во општини каде нашите сограѓани од албанската етничка заедница се мнозинство.
V.
Со промената на власта во ЈАР во 1994 година се создаде огромен позитивен набој и надеж за брзи промени, изградба на поправедно општество на меѓусебна толеранција. Беа започнати многу проекти за зголемување на уделот на црното население во институциите на системот, а главни теми во медиумите беа процентите на застапеност и рушењето на монополите на белото население во институциите и економијата. Владејачкиот Африкански национален конгрес (АНК) особено се гордееше со вработувањето на своите припадници во безбедносните структури и распределба на земја од богатите бели земјопоседници на своите партиски поддржувачи.
Медениот месец од околу 10 до 15 години завршуваат на почетокот од 21. век, кога започнуваат да се гледаат проблемите и неподготвеноста на АНК да ја предводи државата. Имено, за сите тие години на екстремна политичка транзиција кон т.н. поправедно општество, целокупната економска, енергетска и земјоделска база била оставена настрана.
АНК под превезот на еднаквост и рамноправност го фаворизиралe квантитетот пред квалитетот на државните кадри, брзајќи да прикажат промена во етничката и расна структура на институциите. Со текот на годините се губи фокусот за изградба на пристојно општество и целокупната борба за праведност е сведена на бројки кои никогаш не се доволно големи, а секое потфрлање и нестручност се транферира на сметка на Апартхејдот и последиците од него.
Неподготвени за водење на државата, заглавени во политички ветувања и празни зборови, три децении подоцна на АНК му појде од рака да ја сруши својата слободна држава општествено, преку системска корупција, никаков економски перформанс и без иднина за релативно младата популација загрозена или потоната во сé побруталниот уличен криминал.
VI.
Тука престануваат сличностите меѓу катастрофалните последици од практикување на власта од страна на „ослободителни“ движења од профилот на АНК и ДУИ, по тектонските промени на политички план во Јужноафриканската Република (1994 година) и во Република Македонија по парламентарните избори во 2002 година, кога милитантната ОНА се трансформираше во политичка партија. Африканскиот национален конгрес се криминализираше во средина во која управува со земјата во име на мнозинското население, додека ДУИ помина низ сличен процес, со катастрофални последици за македонската економија и општество, кога претендира на монопол во политичкото претставување на втората по големина етничка заедница во Република Македонија.
И двете политички групации, Демократската унија за интеграција и Африканскиот национален конгрес, гледаат на институциите како на тврдини кои што треба да се освојат, што во основа е рецидив од нивната претходна активност. На тоа се темелат и ветувањата на ДУИ за достапност до сите државни функции на нивни кадри, што не е воопшто спорно, со реторика за „рушење на сите етнички монополи“. Ова во самата суштина е само симболизам. Многу е поважен начинот и капацитетот за раководење со институциите откако тие ќе се „освојат“.
Останувањето и понатаму на власт на политички субјекти од ваков тип, кои своите криминални дејанија секогаш ќе ги покриваат со повикување на историската улога што ја одиграле за својата заедница во минатото, само му штети на економскиот напредок и демократизацијата на општеството. Нивното заминување во опозиција е неминовно. Ќе биде корисно за самите политички субјекти и за почеток кон рехабилитација на уништените институции во државата.