РЖ Институт излеа загуба поради Ковид-19
Од компанијата велат дека покрај пандемијата во овој период имале значително поголеми финансиски расходи поради негативните курсни разлики, високите цени на репроматеријалите и падот на цената на легурите на берзата на металите.
Одложени нарачи кон странските пазари (Словенија и Србија), отежната испорака на производите и набавка на репроматеријали, се само дел од проблемите кои ги предизвика пандемијата на Ковид -19 кај компанијата РЖ Институт која добро ја почна годината.
Според остверените резултати од работењето во првиот квартал од годината, објавени преку Мекдонска берза, компанијата има нето загубата од 13,2 милиони денарии покрај тоа што почетокот на годината беше добар и се реализира планот за зголемување на продажбата и подобрување на ликвидноста. Оперативните приходи достигнаа 34,4 милиони денари и се повисоки за 105% во споредба истиот период претходната година. Најголемо учество во приходите имаат алуминиумските легури.
Од компанијата велат дека покрај пандемијата во овој период имале значително поголеми финансиски расходи поради негативните курсни разлики, високите цени на репроматеријалите и падот на цената на легурите на берзата на металите.
Оперативните расходи изнесуваат 47,1 милиони денари и се зголемени за 103% во однос на истиот период минатата година.
– Кога на оваа пресметка во предвид ќе се земе промената на залихите на готови производи и недовршеното производство, РЖ Институт АД Скопје го заврши анализираниот период со оперативна загуба од 11,973 милиони денари. Финансиски приходи изнесуваат 581 илјада денари. Финансиските расходи изнесуваат 1,8 илјади денари и главно се однесуваат на расходи врз основа на камати и курсни разлики – велат од компанијата.
Оттаму се надеваат дека во наредните кварталали ќе има подобрување во работењето со што ќе се намали загубата.
– За следниот период ќе се преземаат активности во насока на натамошно зголемување на продажбата, како и подобрување на ослабените парични текови со цел на враќање на производството и продажбата на солидно ниво – велат од РЖ Институт.
РЖ Институт е акционерско друштво чија примарна дејност е леење и обработка на технички и уметнички одлеаноци од обоени метали (алуминиумски, бронза, месинг итн). Останати дејности вклучуваат производство на огноотпорни материјали за челичната индустрија, црковни ѕвона и опрема, леење на канделабри, восочни и полиестерни скулптури, трговија, истражувања итн.