РУТЕ Е ЗАЧУДЕН ОД ЈАКНЕЊЕТО НА КИНА Првиот човек на НАТО ја повика Јапонија да не биде наивна
Да не бидеме наивни во однос на Кина. Јакнењето на нејзините вооружени сили, нејзините инвестиции во одбранбената индустрија и во нејзините одбранбени способности се зачудувачки, рече генсекот на НАТО во интервју објавено во весникот Јапан тајмс.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опиша зајакнувањето на кинеските одбранбени капацитети како „зачудувачко“.
Тој го изјави ова за време на неговата посета на Јапонија, која започна денеска и има за цел да го прошири влијанието на Алијансата во азиско-пацифичкиот регион.
– Да не бидеме наивни во однос на Кина. Јакнењето на нејзините вооружени сили, нејзините инвестиции во одбранбената индустрија и во нејзините одбранбени способности се зачудувачки – рече Руте во интервјуто објавено во весникот Јапан тајмс.
Американскиот претседател Доналд Трамп сака американските сојузници во азиско-пацифичкиот регион да ги зајакнат сопствените воени капацитети за да се спротивстават на Кина и да ја одвратат Северна Кореја.
– САД сè повеќе инсистираат НАТО да биде повеќе вклучен (во регионот). Не во смисла на член 5, туку во смисла на ширење влијание, на взаемна поддршка во рамките на НАТО – рече Руте.
Членот 5 од Повелбата на НАТО гласи дека една земја членка доколку биде нападната, другите ќе го сметаат тоа за напад на сите сојузници и ќе и помогнат.
Руте денеска ќе ја посети поморската база Јокосука, јужно од Токио, а утре ќе се сретне со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба и со високи јапонски претставници.
Во последниве години, НАТО се обиде да ги зајакне своите врски со Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд со поканување на нивните лидери да присуствуваат на самитите на НАТО.
– Треба да ги надминеме заедничките декларации… ајде да направиме нешто конкретно – рече Руте, кој стана генерален секретар на НАТО во октомври.