Рустеми: „Пошта“ ја стопира услугата платен промет откако ѝ е одземена дозволата на Еуростандард банка
Тој рече дека по Одлуката на Народна банка за одземањето на дозволата за работа на Еуростандард Банка Поштата нема можност да ја реализира услугата платен промет, оти имала договор само со оваа банка.
Стопиран е платниот промет што се врши преку „Пошта“, и ќе се активира кога ќе биде потпишан договор со друга банка во законска процедура, изјави на прес-конференција- генералниот директор на АД „Пошта Северна Македонија“, Ејуп Рустеми.
– Стопирана е наплатата на сите сметки, пензии и на социјална помош и на целиот безготовински платен промет за депонентите на Еуростандард банка – рече Рустеми.
Тој додаде дека по Одлуката на Народна банка за одземањето на дозволата за работа на Еуростандард Банка Поштата нема можност да ја реализира услугата платен промет, оти имала договор само со оваа банка.
Рустеми моментално не знае кога „Пошта“ ќе може да ја реализира оваа услуга бидејќи треба да бидат исполнети сите законски услови и да се реализира постапка за избор на нова банка. Во меѓувреме компанијата ќе продолжи да ја врши својата основна функција пренос на пратки.
Тој не соопшти ни какви загуби ќе претрпи компанијата додека не избере нова банка.