Русковска за „27 април“: Сè било испланирано, освен самиот датум

На рочиштето обвинителката читаше пораки и од поранешниот премир Никола Груевски кој е во бегство и ги посочи дејствијата кои ги презеле сите обвинети, како и дел од осудените во претходната постапка на судењето за настаните од „27 април“.

568

Сè се знаело почитуван судија и сè било испланирано, рече обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови во судскиот процес за организаторите на настаните од „27 април“ во македонското Собрание.

Таа на почетокот на рочиштето го измени обвинението на што реагираа адвокатите на обвинетите и до судот приложи нови СМС пораки од кои, според Русковска, се гледа дека на настаните во Собранието им претходела координација и сè било направено според план и дека и општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти сведочењата на сведоците дека не биле организирани, добивале СМС пораки со партиски насоки.






Обвинителката направи и паралела на настаните во македонското Собрание со немирите во американскиот Конгрес и потенцираше дека во САД прво биле евакуирани конгресмените, а во тоа биле вклучени и политичките противници.

– Сè се знаело, сè било испланирано, само не се знаел датумот. Обвинетите знаеле што прават, не биле изманипулрани. Сè фрлиле на една карта, да се спречи избор на претседател на Собранието и да се спречи формирање на Влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство – рече Русковска.

На рочиштето обвинителката го спомна и поранешниот премир Никола Груевски кој е во бегство и ги посочи дејствијата кои ги презеле сите обвинети, како и дел од осудените во претходната постапка на судењето за настаните од „27 април“.

– Во почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање на влада, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски, Никола Груевски изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок со акти на насилство за примопредавање на власта и организирале протести и постојано го намалувале бројот на полициски службеници. Презеле мерки за да се изврши непречено влегување во Собранието, ангажирале лица за да извршат насилство. Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги повикал граѓаните на протести со зборовите „народот да не седи дома во папучи, да ја земе судбината во свои раце“. Вељаноски требало да оневозможи избор на претседател на Собранието, Јанакиески и Ристовски непосредно и секојдневно ги организирање протестите, Владимир Атанасовски и Никола Бошкоски кој е недостапен, а тогаш бил вработен во УБК, ги мобилизирале и координирале членовите на групата предводени од Кољо И Нинџа – рече обвинителката Русковска.

Според обвинителниот акт кој таа го презентираше поради измените пред да даде завршен збор, сега осудените Нинџа и Кољо одржувале постајани средби во кафе бар „Аристократ“, а сопственик бил Нинџа, правеле молотови коктели, ги координирале и водачите на патриотските здруженија со цел по секоја цена да се спречи мирното предавање на власта, рече Русковска.

Судењето е во тек.

Поврзани содржини