Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција потврдува дека е извршен претрес во фирмата „Инвока гроуп“, која победи на тендерот за софтвер за сообраќајни прекршоци што го спроведе поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
Претрес се врши и во домот на Рашковски во рамки на истрагата што ја отвори Обвинителството откако беа обелоденети во медиумите сомнежи за набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци за потребите на Министерството за внатрешни работи.
– Во рамките на предметот што ОЈО ГОКК го отвори во врска со сообраќајниот софтвер, по наредба на надлежен јавен обвинител денеска од страна на истражителите ид Истражниот центар на ОЈО ГОКК беше извршен претрес во Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока гроуп“ ДООЕЛ Скопје и во домот на сопственикот – информира Обвинителството.
Постапка за овој случај водат и во Антикорупциската комисија.
Опозицијата го обвини Рашковски дека е вмешан и во тендерска афера за набавка на радарски систем за летање за потребите на Македонска навигација (М-НАВ), откако беше објавен аудиоразговор со транскрипт во јавноста.
И за овој случај антикорупционерите отворија предмет, а претседателката Билјана Ивановска вели дека тој е во завршна фаза и дека наскоро ќе ги обелоденат сознанијата од нивната истрага која преходно покажа дека договорот со италијанската фирма „Леонардо“ останал ист и пред во него да се вклучи Рашковски. Сомнително за Антикоруппциската комисија беше доцнењето на исплатата на траншите за кои државата плаќа високи камати.