Русковска се фати за пунџата
Русковска цели 16 месеци во арената во Крвичниот суд во Скопје имаше и ја користеше таа можност да пука со сето правно оружје за да докаже дека обвинетите Јанакиески и Ристовски се организатори на 27 април, а зошто го испразни шаржерот со новите куршуми сосема на крајот, со ризик да поттикне и многу порадикална реакција на одбраната во еден процес во кој остана уште да ги слушнеме нивните завршни зборови, навистина е нејасно. Но, јасно е дека е неправедно.
Обвинителката Вилма Русковска барем за мене, а и за неколку колеги со кои ги делиме впечатоците од судските рочишта за предметите што се водат во Кривичниот суд во Скопје, важи за стамена, сигурна, наоружена со докази, моќна во своите излагања пред судечкиот совет, понекогаш зајадлива, но секогаш спремна за одбрана на нападите на адвокатите на обвинетите. Генерално, педантна во изведувањето на доказите, освен на моменти во судскиот процес против нејзината поранешна, а сега веќе осудена колешка Катица Јанева. Но, она што вчера Русковска го демонстрираше во судницата во која на обвинителна клупа седеа функционери на поранешната власт, поранешниот претседател на македонскиот законодавен дом Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, обвинети дека плански го загрозиле уставниот поредок на државата и со акти на насилство оневозможиле примопредавање на власта на Груевски на 27 април во 2017 година, кога пред да ги каже завршните зборови, направи измени во обвинението многумина од нас, настрана одбраната на обвинетите, не остави во чудење, во многу прашалници. Колку ли само ноншалантно сакаше да го отпише правото на одбрана на обвинетите, иако реално станува збор за пораки кои таа ги обзнани пред помалку од еден месец.
Кој и стори нишан на Русковска, како да станува збор за нишан на ѓон образот на Крсто Мукоски, кого таа неколку пати го споменуваше во судскиот процес, алудирајќи на одговорноста на тие што му наредиле да ги отвори собраниските порти за насобраниот народ во критичниот 27 април, па сега да мора стаменава обвинителка во самата завршница на еден голем судски процес да интервенира во обвинението. Настрана што таквата интервенција сакаше да ја прикаже како нешто попатно, речиси слично како да седнала на тоалетното столче да си ја поправи шминката или пунџата (демек мала измена на обвинителниот акт), а всушност Миле Јанакиески и Спиро Ристовски експлицитно ги посочи како непосредни организатори на протестите и нормално предизвика бура од реакцијата на одбраната која смета дека станува збор за целосна измена во обвинението затоа што двајцата поранешни функционери се посочуваа дека го организирале превозот и ги координирале општинските и месните комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
Навистина неочекуван потег од Русковска. Да судеше оној судијата што ни го поништи голот на Пандев на Европско со Украина, може ќе ѝ врачеше на Русковска еден убав и голем црвен картон, не заради тоа што обвинителката прекршила некаков закон, туку затоа што вчера играше неспортски, и сакаше да удри по обвинетите со ниски удари, иако и самата знае дека ако веќе оценила дека со изведените докази се променила фактичката состојба може да го измени обвинението, тоа го дозволува ЗКП, но како да заборави дека ако одбраната бара може да ги одложи нејзините завршни зборови. Понејасно во нејзиниот потег, е тоа што на обвинителката, широко и беше бојното поле во битката долга една година и четири месеци против четворицата обвинети, петиот избега во Будимпешта за да со еден низок удар на завршницата на судскиот процес за крвавиот четврток ризикува солидна оцена, кон која се стремат сите актери во судницата, а тоа е правично и фер судење.
Русковска цели 16 месеци во арената во Крвичниот суд во Скопје имаше и ја користеше таа можност да пука со сето правно оружје за да докаже дека обвинетите Јанакиески и Ристовски се организатори на 27 април, а зошто го испразни шаржерот со новите куршуми сосема на крајот, со ризик да поттикне и многу порадикална реакција на одбраната во еден процес во кој остана уште да ги слушнеме нивните завршни зборови, навистина е нејасно. Поготово ако се знае дека новата комуникација, тоа го кажа самата обвинителка, обвинителството ја нашло во предметите на СЈО што ги презеде, откако згасна специјалното обвинителство. СМС пораките од разговорите на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, Русковска, прв пат ги обзнани на рочиште на почетокот на јуни. Тогаш, а и сега кога го измени обвинението тврдеше дека ја побива одбраната дека обвинетите не биле дел од организацијата на протестите.
Што ќе се случеше да не беше судијата од мајка роден, верен на својата заклетва за праведно судење и ако не ѝ го дадеше потребното време на одбраната да се подготви по изменетото обвинение, како што очекуваше Русковска? Од таква тешка неправда и судницата ќе пропаднеше, како онаа несреќна зграда на Флорода што се урна за две секунди.
Не ми е јасно зошто нашите обвинители, па и судии дозволуваат опашки како на диносаурус да се влечат по судските процеси. Како што беше случајот со „Рекет“ кој и покрај пресудата од вкупно 16 години, седум за Јанева и девет години за Бојан Јоановски се уште се влечкаат опашките – дали само Катица и Боки се единствените покрај четата функионери на власта кои ѕенѕаа во станчето на Боки во Орман, хипнотизирани од шармот на Боки или од моќната фотелја на тогашната Јанева? Или од милионот. Сепак, Боки не е Ал Пачино. Како што не се терористи ниту оние, кои чекаат правда за крвавите настани пред македонското Собрание од пред четири години.
Како и да заврши овој судски процес, некако штрба ќе ми биде правдата без Крсто Мукоски на обвинителна клупа. Овие терористи, а Мукоски кој со одлука на Кривичниот суд беше амнестиран од обвинението за настаните од 27 април ќе си го лади ѓон образот во вевчанските извори. Русковска ќе продолжи да ја поправа пунџата, македонското судство ќе реди единици во евроспкиот индекс, Кацарска ќе реди успеси во кариерата, а цехот можеби ќе го платат и невини во затвор.