РУСКОВСКА НЕ ЈА ДАВА СТЕФАНОВА И покрај лажните докази обвинителката продолжува да гони за „Плацевите на Водно“
Одбраната неколку пати реагираше што нема нотарски заверки на приложените докази и бараше дел од нив целосно да бидат прочитани во судницата. На овие забелешки обвинителката одговори дека сите материјални докази се во списите доставени до судот и на одбраната ѝ било дозволено да направи увид во нив, а за забелешките адвокатите да се произнесат во своите завршни зборови. Сепак, одбраната инсистираше, повикувајќи се на законското право, целосно да бидат прочитани доказите на рочиштето.
Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска го одби денеска барањето на одбраната за иземање на обвинителката Лиле Стефановa во судскиот процес познат како „Плацеви на Водно“ во кој првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Будимпешта, но му се суди во отсуство.
Судијата Илија Трпков речиси по два часа извести дека до судечкиот совет стасал допис потпишан од Русковска во кој обвинителката како неосновано го одбива барањето на адвокатот Еленко Миланов до судечкиот судија за изземање на обвинителката Стефанова, поради како што наведе Миланов, несовесно работење во службата и поднесување лажни докази од Стефанова. Ова барање за изземање е поднесено врз основа на кривична пријава.
Стефанова, како што претходно објавија некои медиуми, со фалсификуван доказ го затворила предметот и на Судот кој го оценувал обвинителниот акт му подметнала изјава на Никола Груевски, кого таа ниту го видела, ниту го сослушала во истрагата што ја водела.
Откако судијата Трпков ги извести присутните во судницата во Кривичниот суд за дописот од Русковска обвинителката Лиле Стефанова продолжи да презентира материјални докази. Дел од тие докази се однесуваа на основање фирми, запишување на управители, статути на фирми поврзани со предметот на обвинението и со бизнисменот Јордан Камчев, кој е петтообвинет во овој случај.
Одбраната, неколку пати реагираше дека нема нотарски заверки на приложените докази и бараше дел од нив целосно да бидат прочитани во судницата. На овие забелешки обвинителката одговори дека сите материјални докази се во списите доставени до судот и на одбраната ѝбило дозволено да направи увид во нив, а за забелешките адвокатите да се произнесат во своите завршни зборови. Сепак, одбраната инсистираше, повикувајќи се на законското право, да бидат прочитани доказите на рочиштето.
Стефанова презентираше известувања од неколку македонски банки за банкарски сметки на фирма на бизнисменот Јордан Камчев и наведе дека во 2017 година Агенцијата за финансиско разузнавање барала увид во банкарските сметки.
Материјални докази на обвинителството ќе се презентираат и на наредните неколку рочишта, по што се очекува да почне сослушување на сведоците.
Во судскиот предмет „Плацови на Водно“ првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79.972.140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.
Освен имотот на Водно, во обвинението се споменуваат и два стана во Скопје и две парцели во Крушево преку кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик. Обвинителството бараше и конфискација, а вкупната вредност на која се проценети парцелите и становите, изнесува 1,5 милиони евра. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството со поднесување на обвинителниот акт, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија.
Кумот на Груевски, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Судскиот процес го следат претставници на ОБСЕ и на Коалицијата за правично судење.