Обвинителството направи преседан, досега на ниту еден човек не му била запленета целата гардероба, рече Бојан Јовановски, обвинет во предметот „Рекет“ на презентацијата на запленетата гардероба денеска во Кривичниот суд.
Две торби „Луј Витон“, чевли од истата марка за кои Јовановски тврди дека биле фотографирани во 2013 година, а кои обвинителството ги запленило во претресот на неговиот дом и ги прикажа како доказен материјал против првообвинетиот во текот на судскиот процес.
Јовановски на денешната презентација прикажа фотографии од накит, друга брендирана облека, шапки, очила, каиши, панталони, чизми кои на социјалната мрежа Инстаграм ги поставил во текот на 2013 година, а кои биле одземени од обвинителството. Фотографии од крзнена шапка, брендирана јакна, чизми од брендот „Шанел“, син капут од брендот „МаксМара“, блуза марка „Диор“, кожна јакна „Том Форд“ прикажа Јовановски, а кои биле направени во текот на 2013 и 2014 година.
Обвинителството за гонење организиран криминал при претресот дома кај Боки заплени алишта спакувани во 71 вреќа. Презентацијата е во тек.
– Оваа фотографија од патики од брендот Версаче е направена во 2014 година, кога практично почна мојата соработка со „Версаче“ – рече Јовановски кој речиси еден час прикажува фотографии од неговата брендирана облека за која обвинителството тврди дека била купена откако тој го сторил кривичното дело со парите од рекетот врз бизнисменот Јордан Камчев.
Боки 13 прикажа фотографии од облека и модни додатоци и од брендовите „Гучи“, „Живанши“, очила од „Викторија Бекам“, „Луј Витон“, „Тимберлејк“, „Валентино“, „Ив Сен Лорен“, „Шанел“, „Барбери“…
– На себе овде имам очила, целите се сребрени, одело „Долче Габана“. И овие се одземени од обвинителството, а се од 2015 година- рече Јовановски.
– Овде носам плик ташна „Версаче“, која исто така ми е одземена. Овде носам чевли „Кристијан Лобутин“, „Валентино“ торба, а овде на себе имам гардероба од „Версаче“. Овде имам „Гучи“ чевли со крзно. „Гучи“ пантолони, „Гучи“ ролка, сѐ е одземено од страна на обвинителството. И „Ролекс“ часовник – додаде Јовановски.