РУСКОТО РАЗУЗНАВАЊЕ МУ ПОМАГА НА ИРАН „Вашингтон пост“ открива на кој начин
Иран има само неколку воени сателити и нема сопствена сателитска констелација, па затоа сликите обезбедени од многу понапредните вселенски капацитети на Русија се исклучително вредни, особено затоа што Кремљ ја усоврши својата технологија во изминативе години на војна во Украина.
Откако започна војната во Заливот Русија му ги пренесува на Иран локациите на американските воени средства, вклучувајќи воени бродови и авиони – тврдат тројца американски разузнавачки службеници за „Вашингтон пост“, кои зборуваат под услов да останат анонимни поради чувствителноста на темата.
Според соговорниците на весникот, не е сосема јасно колкав е обемот на руските разузнавачки инволвирања во помагање на Иран.
– Се чини дека станува збор за прилично сеопфатен напор – вели еден од разузнавачите.
Способноста на иранската војска сама да ги лоцира американските сили е намалена за помалку од една недела по почетокот на борбите, велат разузнавачите.
Според аналитичарите, можното споделување разузнавачки информации од Москва се вклопува во шемата на иранските напади врз американските сили, кои се насочени кон командна и контролна инфраструктура, радари и импровизирани објекти, како оној во Кувајт каде што беа убиени шест војници. Во последните денови, беше погодена и филијалата на ЦИА во американската амбасада во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
– Иран спроведува многу прецизни напади врз радари за рано предупредување или радари над хоризонтот. Тие го прават тоа со многу јасна цел – ги таргетираат командните и контролните центри – вели Дара Масикот, руски воен експерт во Карнеги фондацијата за меѓународен мир.
Иран има само неколку воени сателити и нема сопствена сателитска констелација, објаснува Масикот. Поради тоа сликите обезбедени од многу понапредните вселенски капацитети на Русија се исклучително вредни, особено затоа што Кремљ ја усоврши својата технологија во изминативе години на војна во Украина.
Никол Грајевски, која ја проучува соработката на Иран со Русија во Центарот Белфер на Харвардската школа „Кенеди“, смета дека одмазничките напади на Иран покажуваат високо ниво на „софистицираност“, како во насочувањето, така и во способноста, во некои случаи, да ја надвладеат американската и сојузничката одбрана.
– Тие минуваат низ американската и израелската против-воздушна одбрана – рече таа, забележувајќи дека квалитетот на нападите на Иран се подобрил дури и во споредба со оној демонстриран во 12-дневна војна со Израел минатото лето.
Од друга страна, Пентагон брзо ги осиромашува своите залихи од прецизно оружје и пресретнувачки ракети за против-воздушна одбрана, велат за „Вашингтон пост“ извори запознаени со ова прашање.
Ваква загриженост изрази и генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб, додека претседателот Доналд Трамп уште размислуваше дали да ја одобри операцијата. Подоцна, администрацијата на Трамп се обиде да ги минимизира процените на Кејн.
Руската помош ја преобликува динамиката на прокси војната воспоставена по руската инвазија на Украина во 2022 година.
– Русите се добро запознаени со помошта што им ја даваме на Украинците. Мислам дека се многу среќни што добија шанса да добијат некаков вид одмазда – рече еден од функционерите запознаен со поддршката на Москва за Техеран. Тој додава дека квалитетот на руското собирање разузнавачки информации не е на американско ниво, но сепак се рангира меѓу најдобрите во светот.
„Вашингтон пост“ претходно објави дека Кремљ гледа можни придобивки во долготрајна војна меѓу САД и Иран, вклучително и повисоки приходи од нафта и криза што ги одвлекува вниманието на Америка и Европа од војната во Украина.
Руската амбасада во Вашингтон не одговорила на барањето на „Вашингтон пост“ за коментар. Исто така и ЦИА и Пентагон одбија да коментираат за обвинувањата.
Двајца функционери запознаени со странската поддршка за Иран велат дека Кина не изгледа дека му помага на Иран во одбраната, и покрај блиските врски на двете земји.
Исто така и кинеската амбасада во Вашингтон не одговорила на барањето за коментар. Пекинг, исто така, официјално повика на прекин на конфликтот.
На прашањето оваа недела каква порака има САД за Русија и Кина, кои се меѓу најмоќните сојузници на Иран, министерот за одбрана Пит Хегсет рече дека нема порака и дека „тие всушност не се фактор тука“.