Рускоска добила анксиозност и душевна болка од спотовите на ВМРО-ДПМНЕ
Обвинителката бара ВМРО-ДПМНЕ да ѝ исплати отштета од 10.000 евра за кои најави дека ќе ги донира во хуманитарни цели.
Двата телевизиски спота со ликот на Вилма Рускоска кои во текот на изборната кампања беа емитувани по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ предизвикале загриженост, анксиозност и душевна болка кај обвинителката, е наведено во вештачењето кое со тужбата против партијата го приложила обвинителката Рускоска.
Денеска се одржа подготвително рочиште во кое што шефот на Јавното обвинителство за организиран криминал и на корупција, обвинителката Вилма Русковска во својство на тужител по поднесена тужба против ВМРО-ДПМНЕ како политичката партија и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Игор Јанушев како овластен претставник на Коалицијата и Христијан Мицкоски како претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, ги презентираше дел од доказите.
На денешното судење, нејзиниот адвокат наведе дека во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ немало критика за нејзиното постапување, туку на најгруб начин станувало збор за нејзино бележење дека својата функција не ја извршува законски. Тој нагласил дека Рускоска работи повеќе од две децении и надлежните органи како Советот на Јавни обвинители досега немале забелешка за нејзината работа.
Адвокатот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека спотовите во кои се користел ликот на Рускоска не се клевета туку критика и таа како јавен функционер е должна да докаже дека е наклеветена.
– Првата работа поради која што цениме дека тужбеното барање во целост е неосновано, е заштитата на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, слободи и права, односно потребата од почитување на правото за слободно изразување на мислата. Особено на критичката мисла која што е насочена кон работењето на државните органи и на власта во Република Македонија. Се поставува прашање што е побитно? Дали јавниот интерес, дали потребата граѓаните да бидат информирани, потребата на граѓаните на Република Македонија да можат да постават одредени прашања во саркастични и провокативна форма? И воедно заштитата на членот 10, или заштитата на приватната репутација на еден јавен функционер која што патем е платена од пари на граѓаните на Република Македонија, извршувајќи ја функцијата како што ја извршува обвинителката за организиран криминал – изјави Панче Тошковски.
Со тужбата Рускоска бара ВМРО-ДПМНЕ да ѝ исплати отштета од 10.000 евра за кои најави дека ќе ги донира во хуманитарни цели.