Рускоска: Јасна Мандиќ и Миле Јовановски переле пари
Парите што ги добил Бојан Јовановски по пат на измама им ги давал на нив да ги уплаќаат како позајмици или враќање на позајмици или донации на БМЈ медија груп, а склоп на оваа компанија беше и 1ТВ, рече Рускоска.
Имаме доста материјални докази кои главно произлегоа од вештачењето од телефонот на сега обвинетиот Бојан Јовановски. Што се однесува до парите кои се подигнати од страна на Лилјана Тодоровска и земени веднаш од обвинетата Кристина Блажевска, имаме точно локациски од вештачењето на телефонот дека завршуваат во куќата на неговите родители, имаме и слика имаме и локација, изјави обвинителката Вилма Рускоска денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Таа рече дека имаат материјални докази што одат во поткрепа на обвинението, но и сведочења особено на Агапи Дика и на Лилјана Тодоровска,… за тоа како се одиграло потпишувањето на договорите, преговарањето во „Меѓународен сојуз“ и исказите на оштетените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски.
Рускоска рече дека на кратко во воведните зборови кажала дека тие се обврзале дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште, а донекаде и субвенционирање од страна на државата.
– Подетлано за ова ќе видите од самите материјални докази, како и од сведочењата. Што се однесува до перењето пари исто така, не за Бојан, туку за осомничени Јасна Мандиќ и Миле Јовановски образложив зошто сметаме дека кај нив постои перење пари, односно дека парите што ги добил Бојан Јовановски по пат на измама им ги давал на нив да ги уплаќаат како позајмици или враќање на позајмици или донации на БМЈ медија груп, а склоп на оваа компанија беше и 1ТВ – рече Рускоска.
За случајот „Меѓународен сојуз“ обвинети се Јасна Мандиќ, Бојан Јовановски-Боки 13, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.
Во воведните зборови обвинителката Вилма Рускоска рече дека ќе докаже оти обвинетите свесно ги сториле делата и дека од почетокот оваа организација е темелена на лаги, за да им се извлечат пари на бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски.
Обвинетите се изјаснија дека не чуствуваат вина за делата кои обвинети.
Судскиот процес го води судијката Софче Гаврилова-Ефремова.