Руско злосторство и македонска казна

Не смееме да дозволиме свесно да си ги расипеме децата со писанија како „Браќа Карамазови", „Војна и мир" или „Злосторство и казна". Пушти му бре клипчиња со Бака Прасе на детето, нека научи да прави мајмун од себеси, па нек вози Ламборџини цел живот ако треба.

7,209

Прво мислев дека е зафрканција, ама подоцна сфатив дека стварно постоеле некои таму, кои, во знак на револт поради војната што ја води Русија во Украина, заговараат палење, негирање и игнорирање на делата од руските великани Достоевски, Горки, Толстој, Чехов, Пушкин…

А не дека тие први се сетиле да глумат мајки терези, грети тунгберзи, далај лами, туку целата оваа глупост потекнува од Загреб кога тамошната филхармонија одлучи да ги отстрани композициите на Петар Илич Чајковски од репертоарот. А потоа, нели, се вклучи и УЕФА со елиминирањето на ФК Спартак од европското натпреварување, па германскиот клуб Шалке 04 го раскина договорот со рускиот спонзор „Газпром”, па Евровизија го елиминираше рускиот претставник, па владата забрани емитување на руските телевизиски канали…






Лудоста отиде дотаму што еден „родител 1“ се пофали на социјалните мрежи дека ќе му забрани на своето дете да ја чита лектирата „Ана Каренина” од Лав Николаевич Толстој, но и дека се надева оти македонското Министерство за образование ќе го чуе гласот на солидарниот македонски народ и дека од идната година ќе ги отстрани сите руски класици од листата на лектири за основно и за средно образование.

И во право си е човекот. Нема што тука нашите деца да читаат безвременски дела од некои автори кои пред 100 и кусур години твореле во земја којашто сега војува со друга земја. Чиста логика.

Едноставно, не смееме да дозволиме свесно да си ги расипеме децата со писанија како „Браќа Карамазови”, „Војна и мир” или „Злосторство и казна”. Пушти му бре клипчиња со Бака Прасе на детето, нека научи да прави мајмун од себеси, па нек вози Ламборџини цел живот ако треба.

И не само книгите и не само санкциите што официјално ги прифати Македонија кон Русија! Сите ние, сложно, треба да направиме сѐ што е во наша моќ за да протераме и да негираме сѐ што е руско!

Прв на удар, Менделеевиот систем. Не го признаваме и точка! Нема што тука некој хемичар од 19 век, роден во Русија, да ми кажува во која група да стои литиумот, а во кој период – сулфурот. А токму таа негова Русија сега војува со Украина.

Второ, сите ние што имаме возила произведени во Русија, да си ги запалиме без око да ни трепне! Јас да возам Лада од 1994 година, а Путин да започнува војна со соседот Украина? Е, нема да може! Башка, што ќе ти е кола кога нама да можеш да си купиш гориво…

Трето, Тимур Дибиров и слични нему. Зарем ќе го оставиме најдоброто ракометно крило во Европа така слободно да си трчка во дресот на Вардар и да ги полни противничките мрежи? Њет, њет, њет. Неговата родна Русија ја нападна Украина!

Извинете што ќе бидам директен, но дали сфаќате колку сте забегани? И уште едно потпрашање: сфаќате дека правите повеќе штета отколку корист? Прво на себеси, па на другите.

Оти, никој не сака војни. „Војна е темница којашто голта сѐ што е живо. Таа е ехо на нечии трауми”. Перфектниот Ристо Вртев тврди и дека „војна е девојка која нема милост ниту за еден свој љубовник”, но не го заборава она клучното: „Што може човек против лудост, глупост и суета?”.

П.С. Клинтон во 1999 година го бомбардираше Белград, а јас не паметам дека ние тогаш во знак на револт ѝ стегнавме санкции на Америка со тоа што престанавме да пиеме Кока-Кола.

Поврзани содржини