РУСКО ВСЕЛЕНСКО ЛЕТАЛО СОГОРЕ ВО АТМОСФЕРАТА Остатоци паднаа во Тихиот Океан
Шефот на Роскосмос претходно соопшти дека во изминатите неколку месеци се појавиле две аномалии на Меѓународната вселенска станица.
Руското вселенско летало за снабдување „Прогрес МС-21“, кое се враќаше од Меѓународната вселенска станица (МВС) поради оштетување, денеска се запали при влегувањето во атмосферата на Земјата и се урна во Тихиот Океан.
Руската вселенска корпорација Роскосмос денеска соопшти дека леталото ја напуштило орбитата и влегло во фаза на спуштање на Земјата, но при влегувањето во атмосферата се запалило и се урнало во океанот.
– Деловите од леталото кои не изгореа паднаа во изолиран дел од Тихиот Океан и потонаа, се вели во соопштението на корпорацијата објавено на Телеграм.
Шефот на Роскосмос претходно соопшти дека во изминатите неколку месеци се појавиле две аномалии на МВС.
– Аномалиите се нарушување на системот за термичка контрола на леталото „Сојуз-22“ и на бродот за снабдување „Прогрес-21“. Формирана е комисија за итни случаи. Резултатот од двете аномалии е ист, но нивните причини може да бидат различни – рече шефот на Роскосмос.