РУСКИОТ СУД МУ ИЗРЕЧЕ ПРЕСУДА НА АМЕРИКАНСКИОТ НОВИНАР Гершкович осуден на 16 години затвор за шпионажа

Гершкович беше уапсен на 29 март 2023 година во Екатеринбург. Руските власти го обвинија без докази дека собирал доверливи информации по налог на американската влада.

354

Новинарот на американскиот весник „Волстрит журнал“ Еван Гершкович денеска во Русија беше осуден на 16 години затвор за шпионажа, по судењето за кое се верува дека е политички мотивирано. Руското обвинителство побара тој да биде осуден на 18 години затвор.

Гершкович беше уапсен на 29 март 2023 година во Екатеринбург. Руските власти го обвинија без докази дека собирал доверливи информации по налог на американската влада. Гершкович се изјасни за невин, а неговиот весник и американската влада рекоа дека судењето е наместено.






За разлика од претходните судски рочишта кога на новинарите им беше дозволено да се видат со Гершкович непосредно пред судењето, оваа недела пристапот на новинарите им беше целосно забранет.

Судските претставници рекоа дека обвинителот побарал 18 години затвор за време на завршните зборови. Руските судови ги осудуваат речиси сите обвинети, а обвинителите можат да поднесат жалба доколку сметаат дека казните се благи.

„Незаконското апсење на Еван пред 477 дена е ужасно и ова мора да заврши сега“. Додека Русија го организира ова срамно и наместено судење, ние правиме сè што е во наша моќ Еван веднаш да биде ослободен. Тој ја вршеше својата работа како новинар, а новинарството не е криминал“ – пишува „Волстрит журнал“.

Американскиот Стејт департмент го прогласи апсењето на Гершкович за незаконско, обврзувајќи ја владата енергично да бара негово ослободување.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во средата во Обединетите нации изјави дека Москва и Вашингтон разговараат за размена на затвореници, во која ќе биде вклучен и Гершкович. Русија претходно навести можност за размена.

Портпаролот на американското Министерство за надворешни работи вчера одби да зборува за можноста за размена, но рече дека ставот на САД од почетокот бил дека Гершкович е уапсен без докази и дека не направил ништо лошо.

Поврзани содржини