РУСКИ ТАЈКУН ИСЧЕЗНА НА КИПАР Полицијата трага по 56-годишниот Владислав Баумгертнер
Кипарската полиција трага по 56-годишниот руски бизнисмен Владислав Баумгертнер, поранешен директор на „Уралкали“, кој од средата е исчезнат од својот дом во близина на Лимасол.
Во тек е истрага на кипарските власти за пронаоѓање на 56-годишниот руски тајкун Владислав Баумгертнер, поранешен извршен директор на рускиот гигант за вештачки ѓубрива „Уралкали“, кој од средата се води за исчезнат од својот дом во близина на Лимасол, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарската полиција вчера издаде соопштение за неговото исчезнување, објавувајќи фотографија и лични податоци, и упати апел до јавноста за какви било информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на Баумгертнер.
„Полицијата бара информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на Владислав Баумгертнер, 56-годишен државјанин на Русија, кој од 7 јануари 2026 година се води како исчезнат од своето место на живеење во Лимасол“, се наведува во полициското соопштение.
Според кипарските медиуми, исчезнувањето го пријавила неговата вработена, која ги известила властите дека Баумгертнер не одговарал на нејзините телефонски повици. Во потрагата, која траела во саботата и вчера, учествувале полициски службеници, припадници на Одделот за истраги и спасување од Лимасол, волонтери, како и хеликоптер и дрон.
Во текот на вчерашниот ден, фокусот на потрагата бил насочен кон западниот дел на Лимасол и областа Писури, каде што бил регистриран последниот сигнал од мобилниот телефон на исчезнатиот бизнисмен.
Кипарските медиуми потсетуваат дека Баумгертнер во 2013 година бил уапсен на аеродромот во Минск и задржан во притвор. Според весникот „Филелефтерос“, неговото апсење било врв на конфликтот меѓу Москва и белоруската влада околу т.н. „картел“ за калиум, по одлуката на „Уралкали“ да ја прекине соработката со државната компанија „Беларускали“.
Баумгертнер тогаш бил обвинет за злоупотреба на службената положба, а во ноември 2013 година бил екстрадиран во Москва, каде што му бил определен домашен притвор и подоцна бил разрешен од функцијата во „Уралкали“. Иако обвиненијата против него биле целосно повлечени во 2015 година, случајот во тоа време бил оценет како политичко заложништво во односите меѓу Владимир Путин и Александар Лукашенко.
Според „Сајпрус тајмс“, Баумгертнер подоцна се вратил во бизнисот, го презел раководството на компанијата „Глобал портс“ и во последните години живеел на Кипар.
Во меѓувреме, кипарските медиуми известуваат и за уште еден случај поврзан со руски државјанин, кој не е поврзан со исчезнувањето на Баумгертнер. Во четвртокот, во просториите на руската амбасада во Република Кипар бил пронајден мртов еден од вработените.
Од руската амбасада денеска соопштија дека станува збор за нивниот колега А.В. Панов, кој починал на 8 јануари 2026 година.
„Неговата смрт е длабоко лична трагедија за неговото семејство и пријателите. На семејството му е пружена сета потребна помош и поддршка. Амбасадата, во соработка со кипарските власти, работи на обезбедување брза репатријација на телото во татковината“, се наведува во соопштението.