РУСКИ ДРОНОВИ ЈА ПОГОДИЈА ОДЕСА Десетици градови останаа без струја, избувнаа пожари и паника меѓу граѓаните

Ноќ на терор во јужна Украина, напади со дронови ја оставија Одеса и 40 населени места без електрична енергија, додека Киев обвинува дека Русија се обидува да ја замрзне земјата пред зимата.

190

Десетици градови и села во јужниот украински регион Одеса, на брегот на Црното Море, останаа без електрична енергија по масовни руски напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска локалните власти.

Штета е нанесена на енергетската инфраструктура во градот Одеса и околниот регион, според службите за цивилна заштита и јавниот обвинител.






Во регионалниот главен град, избувнале пожари во енергетски објект и во трикатна зграда што припаѓала на хотелско-ресторански комплекс.

Една жена била повредена, а две лица биле спасени, пренесе ДПА. Вкупно 41 населено место во регионот останало без електрична енергија.

Владата во Киев ја обвинува Русија дека ги напаѓа енергетските објекти за да го лишат населението од светло и греење пред почетокот на зимата.

Според Киев, овие напади имаат за цел да ја притиснат украинската власт да прифати мировен договор под услови на Москва, што Украина го одбива, нагласувајќи дека нема да се предаде.

Истовремено, Украина ги обнови своите напади врз цели во Русија во текот на ноќта, во обид да ја одбие инвазијата што Русија ја почна во 2022 година.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека 42 украински дронови биле соборени, најголемиот дел во јужниот регион Волгоград.

Во градот Волгоград, делови од соборен дрон паднале врз станбени згради, училишта и градинка, изјави гувернерот Андреј Бочаров.

Скршени се прозорци, а еден маж е повреден, додаде тој. Регионалните здравствени власти соопштија дека три деца биле пренесени во болница поради стрес.

Поврзани содржини