РУСИТЕ СЕ ПОВЛЕКОА ОД ЗМИСКИОТ ОСТРОВ Гест на добра волја, Киев веќе нема оправдување за житото
Киев сега веќе нема оправдувања дека прехранбената криза и неможноста за извоз на житото се должат на целосната руска контрола врз северозападниот дел на Црното Море. Сега е редот на Украина да го деминира крајбрежјето, особено пристанишните води, соопшти руското министерство за одбрана.
„Нема веќе руски трупи на Змискиот Остров! Нашите вооружени сили завршија одлична работа“.
Вака се пофали на социјалните мрежи украинскиот претседател Володимир Зеленски за денешното руско повлекување од Змискиот Остров во Црното Море. Руските сили потврдија дека сами се повлекле. Според Москва, сега Украинците не можат да се жалат за прекинатиот извоз на жито и кризата со храна во светот.
„Киев сега веќе нема оправдувања дека прехранбената криза и неможноста за извоз на житото се должат на целосната руска контрола врз северозападниот дел на Црното Море. Сега е ред Украина да го деминира крајбрежјето, особено пристанишните води“, соопшти руското министерство за одбрана.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, генерал Игор Конашенков изјави дека одлуката за повлекување на руските војници е гест на добра волја. Инаку, истото објаснување беше дадено и кога руските војници се повлекоа од околината на Киев и од аеродромот Гостомељ, кога се водеше жестока битка.
Од самиот почеток на војната, Змискиoт Остров доби речиси митски статус.
– Иако има површина од само еден квадратен километар, неговата окупација би им дала можност на Русите да распоредат ракетни системи со долг дострел и така да ги контролираат северозападниот дел на Црното Море и југот на Украина – изјави воениот експерт Олег Жданов.