РУСИТЕ ОЧЕКУВААТ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ДА ЗАВРШИ ВО 2026 ГОДИНА Анкета покажа дека мнозинството руски граѓани се оптимисти

Анкетата се толкува како можен сигнал од Кремљ за проценка на реакцијата на јавноста на можниот мировен договор во време на засилени дипломатски напори за завршување на војната во Украина.

0

Мнозинството руски граѓани очекуваат војната во Украина да заврши во 2026 година, објави денеска рускиот државен центар за истражување на јавното мислење ВЦИОМ.

Заменик-директорот Михаил Мамонов изјави дека 70 проценти од 1.600 испитаници во анкетата веруваат дека 2026 година ќе биде „поуспешна“ за Русија од тековната година, додека 55 проценти го поврзаа овој оптимизам со можниот крај на Специјална воена операција во Украина.






– Главната причина за оптимизмот е можниот крај на Специјалната воена операција и постигнувањето на поставените цели, во согласност со националните интереси дефинирани од претседателот – рече Мамонов.

Анкетата се толкува како можен сигнал од Кремљ за проценка на реакцијата на јавноста на можниот мировен договор во време на засилени дипломатски напори за завршување на војната во Украина.

Мамонов како главни фактори што влијаат на изгледите за евентуален мировен договор ги наведе офанзивата на руската војска во Украина, неподготвеноста на САД да продолжат да ја финансираат Украина и неможноста на Европската Унија целосно да ги замени САД финансиски и воено.

По завршувањето на борбените операции, додаде тој, клучни приоритети ќе бидат реинтеграцијата на ветераните во општеството, како и реконструкцијата на регионите на Украина под руска контрола и руските гранични области.

Кремљ соопшти дека претседателот Владимир Путин е информиран за контактите на руските претставници со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со предлозите на САД за евентуален мировен договор за Украина и дека Москва сега ќе го формулира својот став.

Во последните недели Путин рече дека неговите услови за мир се Украина да ги отстапи околу 5.000 квадратни километри од Донбас што сè уште ги контролира и формално да се откаже од својата намера да се приклучи на НАТО.

Поврзани содржини