ПРИГОЖИН СЕПАК НЕМА ДА ОСТАНЕ БЕЗ СКРШЕН ДЕНАР Русите му вратиле 10 милијарди рубљи иако ги затвораат неговите фирми
Готовината и златото му беа предадени на возачот на Пригожин, додека самиот Пригожин присуствуваше на состанок зад затворени врати во Москва во неделата.
Руските власти му вратија 10 милијарди рубљи на шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој моментално е во егзил. Се работи за пари кои се запленети во полициски рации за време на минатомесечниот вооружен бунт на вагнеровците. Во Санкт Петербург полицијата запленила голема сума пари, како и пет златни прачки, при рација на имоти поврзани со Пригожин.
Претресите биле извршени како дел од истрагата за бунтот на водачот на Вагнер. Рускиот претседател Владимир Путин на крајот се согласи да ги отфрли обвиненијата, во замена за тоа шефот на платениците да се откаже од бунтот и да замине во соседна Белорусија. Според независниот руски медиум Фонтанка, полицијата ги вратила парите и златото, проценети на „неколку тони“.
Готовината и златото му беа предадени на возачот на Пригожин, додека самиот Пригожин присуствуваше на состанок зад затворени врати во Москва во неделата. Додека вагнеровците маршираа кон руската престолнина, шефот на Вагнер изјави дека запленетата готовина била наменета да ги плати платите на борците и да обезбеди материјална отштета за семејствата на загинатите платеници.
Во првите извештаи, полицијата запленила 4 милијарди рубљи од паркирано комбе, а потоа биле запленети уште 6 милијарди рубљи, при што овие банкноти биле спакувани во 80 картонски кутии во друго комбе. Фонтанка пишува дека двете комбиња биле видени на своите првични паркинг места во понеделникот вечерта.
Истовремено, се појави веста дека Русија ги затвора милионските бизниси на Пригожин со кои тој меѓу другото ја финансираше платеничката група. Исто така, згаснува медиумската империја со која „готвачот на Путин“ раководеше во Русија. Дојче Веле пренесе дека шефот на агенцијата РИА ФАН обзнанил дека групацијата си заминува од земјата.