РУСИТЕ ДОАЃААТ…!
Војната ќе трае. Може и да се разгори кога наскоро Русија ќе чукне на маса со ултиматум – прифатете го ОВА! Низ вековните борби таа никогаш не изгубила војна од агресор, и до сега не потклекнала пред многуте туѓи наезди... Нема ни овој пат, па макар, во случај на следна продолжена опасност го стиснала и копчето.
Под наслов „Русите доаѓаат“ е дамнешна американска филмска комедија, која предизвика различни реакции меѓу Американците при помислата дека Русите се истоварија на американскиот брег, но кај некои предизвика слични чувства како и неколку децении претходно радио-драматизираната програма „Војна на световите“ (мислам со гласот на Орсон Велс) кога голем дел од американските слушатели ги обзеде заедничка паника и страв кога помислија дека навистина Марсовците ја нападнаа Америка. Додека сфатија… се штукнаа од умот.
Со чувство на (a има и зошто) ПРПА од Русите… нашите ќороводци преку информативните средства се обидуваат сопствениот и пренесениот уплав од растроените наредбодавци, со баење да го издуваат кон народот, плашејќи го дека – за безбедноста е опасно присуството на Руси во Македонија! Се разбира – ни како туристи, или дипломати, претставници… инвеститори, па и бегалци… бидејќи е можно и тие да се разузнавачи, шпиони… провокатори.
Убедени дека ја запоседнале смртната постела на Македонија, овие здружени политичко – криминални пропагандистички сеништа се вртат околу неа како на сцена, пласирајќи лакрдии со комедијанти од домашната и светската политичка штала, кои без лична одважност, сѐ почесто сами пред себе си ги играат своите комично – трагични улоги, со леснотија сметајќи на Оскарот кој однапред меѓу себе си го ветиле, по вешто изведеното мајмунско каскадерство врз грбот на народот.
За среќа, работите не одат секогаш по нарачаното теренско вештачење, кое треба како стручно само да се подметне на народот и да се реши работата. Заврши времето на подметнување туѓи видувања и намери, туѓи љубови… и туѓи ропства. Сега сите се искурназија и сфатија дека Слободата и сопствената почит се неопходни за самоопстојба.
Шега или не! – Русите НАВАМУ доаѓаат… Повикани, или сами, побаеги се намножија, и врвицата се должи… мислам на Балканот и околните држави на кои им создаваат политички проблеми за решавањето на нивниот статус. Секаде се добредојдени. Дури и Албанија ги повикува оние кои „не сакаат да војуваат…“. И кај нас добро дошле! Ќе ги ставиме во Уставот заедно со Бугарите, бидејќи, како што рече Намесникот во ОН, „ние сме држава за пример…“ како се решаваат туѓите национални прашања, на сметка на нашите.
Не знам дали се присутни и дали воопшто имаат намера Русите, таму… и преку Големите води, кај Подмижаниот да се истоварат, како во комедијата. А, што бараат…? – Доларот вештачки одржуван… ќе мора да клизне накај нулата поради усовршениот печатарски занает, а рубљата расте благодарение на секаквите санкции испорачани од недоветните… кои ем ѝ ги адресираат, ем се жалат дека Русија го употребува гасот како оружје! Место Русите, ги прашувам: – А, шо сакате да прајме бре хартиени соколи?
Мудриот Курти одамна намириса – дека во Косово се распослале Руси… Во Белград дојдени се преку Дунав… но не го препливале со трска во уста… Никој не им бара тезгере дали за да избегнат мобилизација… или по некаков бизнис дошле. Како и да е – нема зијан од нив. Ги покачија цените на кириите…
Малку понастрана се оние Руси кои летоска на бугарското крајбрежје престојуваа како специјални туристи, а сега кога се залади се префрлија како станари по лековитите бугарски бањи, дружејќи се со многуте Бугари кои имаат и руско државјанство. Комотно се чувствуваат бидејќи Бугарите до вчера, додека не им ги навлекоа натовските кошули себе се сметаа за „народ“ со Русите, како нас, сега што нѐ воскреваат.
Кога им се здосадува на одјасаните да шетаат по Бугарија, тркнуваат и до нас, посебно заинтересирани за патот… тој, накај Приштина. Зошто? Планираат трговска комуникација со НАТО токму на косовскиот рамен терен да воспостават, па испитуваат каква инвестиција е најпогодна за да им ја олеснат опстојбата на Американците.
Русите се свесни дека НАТО и од кај нас, како крт им копа подземен тунел и ако не им севне на време, ќе им светне кога ќе им стане ровка земјата под стопалата, пропаѓајќи до колена во поставената замка која како дрон кружи од Украина, преку соседните земји… до нас, кои (н)и криви (н)и должни, на туѓо славење курбанот ќе го платиме.
Сѐ погласно се слушаат мислења на актуелни политичари дека Русија не е предизвикувач на војната и дека Украина е само теренот каде сметки се сумираат. Таа во неа влезе бранејќи се себе од отворената наезда на Америка, односно НАТО, кој, сметајќи се доминантна воена сила како некогаш, се затрча… на брзина да ѝ се напика под гркланот… а, не си ја погледна сенката на зајдисонце… Само на недоветни не им текнува дека нема состојба која е трајна, која не се менува како истечната вода.
А НАТО водено од Столебег се занесува како да е најголемиот праведник на светот. Заседава со своите пулени и им држи предавања повикувајќи се на Меѓународното право кое наводно Русија не го почитува… А тоа, сиротото, не постои одамна! Токму НАТО, прескокнувајќи ги ОН, како лајно го нагази со резилакот – бомбардирањето на Србија во 99-та година, кога меѓу другите злочини кои ни ги предочи како правдина, како „заштитен чадор“ нѐ посипа и со ураниум… за да нѐ благослови. Ни нареди да донесеме закон со кој нема кривично да одговараат натовците за сторен злочин… (?!), а по истиот терк нѐ натераа со амнестија да ги почестиме и нашите „борци за човекови права“….! И да не ги редам сите незаборавни и повеќе пати редени, непростливи неправди и гревови кои нас ни ги направи, и во поново време. И сега ги прави… Од тоа ми се лоши!!!
Силеџиски се наредбите – членките да ги обноват потрошените во Украина залихи на оружје, купувајќи ново од Америка, која само продава и ги празни магазините. Така се залага за мир, за кој не сака да слушне додека не ја распарчи Русија… Посебно што војна се води далеку од неа, на туѓ терен, гине туѓа челад… додека таа си го гледа бизнисот. Гас купува од Русија, а Германија тоа не смее да го прави, мора од неа да се снабдува и да го плаќа рускиот гас неколку пати поскапо. Затоа рикнаа во саботажа и гасоводите на Северен тек 1 и 2. Со прст во уста остана и Англија бидејќи нејзината опрема за гас, е оспособена само за рускиот… За жалење е и цела Европа која како закачена на чивилак висииии…. И трпи – со години повелана и уништувана, сега и склештена, само и само да не се појави на сцена како самоопстојна велесила и конкурент на Америка. А за неа, на еден говор одржан во 1956 година пред студентите во Париз, Жан Пол Сартр, рече: „Америка страда од беснило“. Таа негова дијагноза, за жал, сѐ уште вистина, се подраширила заедно со опасноста од зараза. – и другите да збеснат.
И Русија заработува од продажбата на енергенси, и попатно, натенане си го решава своето национално прашање. Заработуваат и олигарсите, како руските така и американските… Довлет и за Истокот, и за Западот. А тоа што нивната недоветност предизвика светска турбуленција кај обичните луѓе, проследена со сиромаштија, вознемиреност… нив не им е гајле. Важни се управувачите со светот и кој ќе управува, за кои, Достоевски своевремено рекол: – „Кога луѓето би знаеле со колкав мал ум е управуван светот, би умреле од страв“ .
ПС. Војната ќе трае. Може и да се разгори кога наскоро Русија ќе чукне на маса со ултиматум – прифатете го ОВА! Низ вековните борби таа никогаш не изгубила војна од агресор, и до сега не потклекнала пред многуте туѓи наезди… Нема ни овој пат, па макар, во случај на следна продолжена опасност го стиснала и копчето.