РУСИН СО СМРТНИ ЗАКАНИ БАРАЛ 300.000 ЕВРА ОД РОБЕРТ ХОТ Обвинителството бара притвор за изнудувачот на скопскиот бизнисмен

Обвинителството отвори истрага против Русин кој со закани барал пари од скопски бизнисмен. Тој од оштетениот зел 20.000 евра, по што бил уапсен во заседа.

976

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека е отворена истрага против државјанин на Русија со престојувалиште во Босна и Херцеговина, поради сомнение дека извршил кривично дело изнуда. Според обвинителството, осомничениот во периодот од јули 2024 до 9 октомври 2025 година, со сериозни закани по животот и телото на бизнисменот Роберт Хот, го присилувал да му исплати пари.

„Осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист за друго лице, му се заканувал на оштетениот дека доколку не го врати неговиот наводен долг од 300.000 евра кон лице од Босна и Херцеговина, ќе му го загрози животот нему и на неговото семејство. По неколку средби, на 9 октомври од оштетениот зел 20.000 евра, по што бил лишен од слобода“, соопштија од Обвинителството.






Од таму додаваат дека јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор, бидејќи постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоци или врз оштетениот, како и ризик повторно да го изврши делото.

Според информациите објавени вчера, лицето е Владимир Сологуб (58), државјанин на Босна и Херцеговина кој има и руски пасош и кој се обидел да изнуди пари од скопскиот бизнисмен Роберт Хот.

Хот пријавил во полиција дека добива закани по животот, а по пријава на случајот, полицијата и обвинителството организирале тајна акција.

На 8 октомври биле обработени 20.000 евра што Хот ги добил од полицијата и требало да ги предаде како доказ на сторителот. Следниот ден, при примопредавањето на парите во канцеларијата на оштетениот, специјалците извршиле заседа и го уапсиле Сологуб.

Кај него биле пронајдени обработените банкноти и пасош на Босна и Херцеговина, а тој бил задржан во полициски притвор до донесување на одлука од судијата на претходна постапка.

Со отворањето на истрагата, Обвинителството потврди дека случајот добива судски епилог. Во наредниот период ќе се сослушаат сведоци и ќе се приберат материјални докази за да се утврди дали осомничениот делувал сам или со соучесници.

Од Обвинителството нагласуваат дека случајот претставува сериозен обид за изнуда со елементи на закана по живот, што спаѓа во потешките форми на кривични дела од оваа категорија.

МУ ПОБАРАЛ 300.000 ЕВРА НА РОБЕРТ ХОТ ЗА ДА НЕ ГО УБИЕ Изнудувач бил уапсен во канцеларија на познат скопски бизнисмен

Поврзани содржини