РУСИЈА ВЛЕГУВА ВО ТРКАТА ЗА РЕТКИ ЗЕМНИ МЕТАЛИ Ќе гради 15 нови објекти и ќе ги модернизира старите

Рускиот министер за индустрија и трговија вели дека ова би ја намалило зависноста на Русија од увоз за овие производи од 75% на 48%.

4

Русија планира да воспостави 15 нови објекти и да ги модернизира постојните за голем број критични производи добиени од ретки земни метали.

Ова го соопшти рускиот министер за индустрија и трговија Антон Алиханов кој додаде дека овие проекти ќе бидат имплементирани до 2030 година.






– Мораме да создадеме нови објекти и да ги модернизираме постојните големи производствени капацитети, кои ќе вклучуваат приближно 65 критични производи од ретки метали и ретки земни метали – рече Алиханов.

Министерот забележува дека ова би ја намалило зависноста на Русија од увоз за овие производи од 75% на 48%.

Тој додаде дека Русија очекува да го зголеми годишното производство во хемиската индустрија од  92,7 милијарди евра на повеќе од 120 милијарди евра до 2030 година.

Медиумите објавија дека веќе е формиран и Кластер за преработка на ретки земни метали во регионот Ангара-Јенисеј кој опфаќа 4 региони: Краснојарски крај, Иркутска област, Хакасија и Тува и треба да почне да работи во 2027 година.

Проектот создава екосистем кој ги интегрира екстракцијата и преработката на ретки и ретки земни метали, развојот на напредни материјали, микроелектроника, енергетски решенија и системи за вештачка интелигенција, со тесна соработка помеѓу индустријата, науката и образованието.

Поврзани содржини