📽 РУСИЈА УДРИ ПО ВИНИЦА СО „ШАХЕДИ“ Погодени фабрики и згради, цивили завршиле со изгореници
Нападот врз Виница е дел од поширока руска офанзива спроведена низ ноќта, кога биле погодени и други украински градови – Кривиј Рих, Краматорск и Харков. Русија користела дронови и ракети, при што биле уништени индустриски погони, оштетени цивилни објекти и делови од енергетската инфраструктура, а меѓу повредените се наоѓа и 17-годишен тинејџер.
Во текот на ноќта, меѓу 15 и 16 јули, руските сили извршија масовен напад со дронови врз градот Виница, при што биле погодени индустриски и цивилни објекти. Според првичните информации, 8 луѓе се здобиле со повреди, од кои две лица се во критична состојба, објави украинска Правда.
Заменичката на началникот на Воената администрација на Виницка област, Наталија Заболотна, соопшти дека како резултат на нападот е регистрирано оштетување на цивилна инфраструктура. Првичните податоци укажувале на четворица повредени, но подоцна бројот се зголемил.
– Петмина од повредените имаат изгореници. Две лица се во критична состојба, три се со умерени повреди – изјави Заболотна утрово.
Украинските Воздухопловни сили навремено ги предупредиле жителите на Виница дека руските дронови се движат кон регионот. Украинската државна телевизија „Суспилне“ јави дека околу 03:00 часот по локално време се слушнале низа експлозии во градот.
Според податоците, руските сили користеле 28 беспилотни летала од тип „Шахед“ при нападот врз Виницка област, од кои украинската ПВО успеала да собори околу 18.
Заменичката Заболотна информираше дека се погодени и индустриски објекти. На едно место пожарот бил успешно локализиран од страна на противпожарните екипи, додека на друго локација интервенцијата сè уште трае.
Дополнително, биле оштетени 4 станбени објекти, а една куќа претрпела значителна штета.
Подоцна, Државната служба за вонредни ситуации на Украина објави дека вкупно 8 лица се повредени и хоспитализирани како резултат на рускиот напад со дронови. Потврдено е дека биле погодени 2 цивилни производствени локации, каде што избувнале големи пожари. До 08:00 часот, едниот пожар бил изгаснат, а другиот сè уште се гасел.
Нападот врз Виница доаѓа како дел од поширока руска кампања од истата ноќ, кога биле напаѓани и други украински градови – Кривиј Рих, Краматорск и Харков. Сите биле цел на руски дронови и ракети, при што биле оштетени индустриски капацитети, цивилни објекти и електроенергетска инфраструктура, а имало и повредени граѓани, меѓу кои и 17-годишно момче.