РУСИЈА ПРВПАТ МУ ГО ОТКРИ НА ВАШИНГТОН СВОЈОТ ПЛАН ЗА МИР СО КОНКРЕТНИ БАРАЊА Путин и Трамп сакаат да се сретнат

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, рече дека следниот чекор е да се утврди што се подготвени да прифатат Украинците и европските сојузници, со акцент на позицијата на Украина, и да се работи на приближување на ставовите меѓу двете страни.

1,157

Државниот секретар Марко Рубио изјави во средата дека американскиот пратеник Стив Виткоф ќе се врати од Москва со рамка за мир меѓу Русија и Украина, објави Хил.

– Точниот тајминг не е дискутиран. Мислам дека сега имаме подобро разбирање за условите под кои Русија би била подготвена да го заврши војната. Сега треба да го споредиме тоа со она што се подготвени да го прифатат Украинците и нашите европски сојузници, но пред сè Украинците – изјави Рубио за Лери Кадлоу во гостување на каналот Фокс бизнис.






Виткоф прибира информации од разговорите во Русија, додека Кремљ ги засилува нападите врз Киев и врз околните градови во рамки на војната против Украина.

Во минатото, рускиот претседател Владимир Путин инсистираше на тоа да го задржи Крим и да добие дополнителна територија пред да ги повлече војниците од фронтот.

„Првпат добивме конкретни примери што сака Русија“

Рубио не ги изнесе условите што Виткоф ги добил за време на средбата со руските лидери, но ја нагласи важноста на правичен договор за двете земји.

– Мислам дека првпат, можеби откако започна оваа администрација, имаме конкретни примери за тоа што Русија би барала за да ја заврши војната. Досега немавме многу такви информации. Очигледно, Украинците имаат збор во ова. Треба да ги приближиме двете страни и нивните позиции доволно блиску за да може претседателот Трамп, како краен посредник, да се вклучи и да го финализира договорот – рече Рубио.

Трамп сигнализираше дека наскоро би можел да одржи директни лични разговори со Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел да се постигне целта на администрацијата – завршување на конфликтот.

Сепак, Рубио посочи дека Русија и Украина сè уште не се подготвени за средба со претседателот Трамп, додека војната продолжува со силен интензитет.

– Сега треба да видиме што се подготвени да прифатат Украинците и нашите европски сојузници, но пред сè Украинците, и да се обидеме да ги приближиме тие 2 позиции. Ако можеме да ги доведеме позициите на Русија и Украина доволно блиску, тогаш постои можност претседателот да одржи средба со Путин и со Зеленски за да се затвори ова прашање. Така што, треба да работиме на тоа приближување – додаде тој.

Можност за средба меѓу Трамп и Путин

Трамп планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на почетокот од следната недела, рекол извор од Белата куќа, објави Ројтерс.

Трамп неодамна разгледува можност за одржување средба во наредните недели со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во рамки на напорите за завршување на војната.

Претседателот ја спомнал идејата за ваква средба за време на телефонски разговор во средата со европски лидери, потврди извор за Хил.

Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, изјави дека Русија покажала интерес за средба со Трамп.

– Како што претседателот Трамп денеска рече на Трут соушал, постигнат е голем напредок за време на средбата на специјалниот пратеник Виткоф со претседателот Путин. Русите ја изразија својата желба за средба со претседателот Трамп, а претседателот е отворен за средба со двајцата, и со претседателот Путин и со претседателот Зеленски. Претседателот Трамп сака овој брутален конфликт да заврши – изјави Левит.

Поврзани содржини