РУСИЈА ПОГОДИ ПАТНИЧКИ ВОЗ Масовен ноќен напад, најмалку 12 загинати

Во бран од над 50 беспилотни летала беа погодени патнички воз, станбени згради и енергетска инфраструктура во повеќе украински региони.

71

Русија во текот на ноќта изврши масовен напад со беспилотни летала врз повеќе региони во Украина, при што загинаа најмалку 12 цивили, а десетици беа повредени. Меѓу најтешките инциденти е ударот врз патнички воз во Харковската област, кој украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша како „терористички чин“, пренесува „Euronews“.

Најмалку пет лица го загубија животот кога руски дрон удри директно во патнички воз кој сообраќал низ Харковската област. Зеленски објави видео од запален вагон, а локалните служби за итни случаи соопштија дека пожарот подоцна бил изгаснат.






– Убивањето цивили во вагон на воз нема никакво, апсолутно никакво воено оправдување – рече Зеленски.

Според неговите зборови, во возот имало повеќе од 200 патници, од кои 18 се наоѓале во вагонот што бил погоден.

Украинскиот претседател предупреди дека Русија значително ја зголемила својата способност за „убивање и тероризирање“ и повторно повика на посилен меѓународен притисок врз Москва.

Истата ноќ, повеќе од 50 руски беспилотни летала го нападнаа пристанишниот град Одеса на Црното Море. Според украинските власти, три лица загинале, а повеќе од 30 се ранети, меѓу кои и две деца.

Цел на нападите биле градската електрична мрежа и станбени објекти. Пет згради биле оштетени, а делови од градот останале без струја и греење, сценарио што Русија го повторува во зимските месеци.

Одеса, како клучен центар за украинскиот извоз, е честа цел на вакви напади. Украинските власти тврдат дека во последниот бран биле користени надградени модели дронови со поголем дострел и посилна разорна моќ.

Напади биле регистрирани и во поширокото подрачје на Киев, кој во последните месеци е под сè почест воздушен удар. Најмалку две лица, маж и жена, биле убиени во населбата Билохородка, соопшти началникот на воената администрација на Киевската област, Микола Калашник.

Според украинската национална полиција, нивното четиригодишно дете преживеало, но било повредено во нападот. Уште три лица се здобиле со повреди.

Поврзани содржини