РУСИЈА ПЛАНИРАЛА СОБОРУВАЊЕ АВИОНИ, ТРУЕЊЕ ВОДОВОДИ, УРИВАЊЕ БРАНИ… Европски разузнавачи тврдат дека спречиле десетици саботажи
Западните служби предупредуваат на растечка мрежа на тајни операции. Експерти за Русија велат дека Западот сè уште не ја согледува целосната димензија на случувањата и колку многу работи се случуваат зад кулисите.
Разузнавачки извори за „Фајненшл тајмс“ тврдат дека Русија планирала низа саботажи насочени против западните држави, меѓу кои и заговор за уривање товарни авиони што летаат кон САД. Според нив, Москва во изминатиот период подготвувала поширока кампања на тајни операции, која опфаќала подметнување пожари, труење водоводи, напади на инфраструктура и активирање прикриени агенти низ Европа.
Западните безбедносни претставници велат дека руските диверзии се многу пообемни отколку што јавноста може да претпостави. Минатата година бројот на откриени тајни операции значително се зголемил, а службите ги поврзуваат со делување на групи поддржани од Кремљ.
Како пример се наведува случај при кој експлозивни пратки – испратени преку меѓународни курирски служби – во јули 2024 година експлодирале во логистички центри во Велика Британија, Полска и Германија. Според „Фајненшл тајмс“, секоја од тие пратки имала доволно разорна моќ да урне товарен авион доколку детонацијата се случела додека пратките биле во лет.
Безбедносните служби тврдат дека се спречени и други заговори: обиди за саботирање преполни патнички возови, подметнување пожари во трговски центри, саботирање хидросистеми и брани, како и труење на водоводи. Во повеќе европски држави биле откриени и лица за кои се верува дека делувале како „заспани“ агенти со зададени мисии за диверзија.
Во британските медиуми исто така се посочува дека повторените пожари и експлозии низ континентот – вклучително и пожар во складиште во источен Лондон, сопственост на украински државјани – се поврзуваат со руските служби.
Покрај тоа, земјите во Балтичкиот регион во последните месеци се соочија со прекини на подводни кабли и серија координирани кибернапади, што безбедносните служби го гледаат како дел од поширока кампања.
„Ројтерс“ пренесе дека западните истражители во изминатата година забележале „остра ескалација“ на хибридни активности кои, според анализите, можат да имаат сериозни последици по човечки животи и европската инфраструктура доколку некој од заговорите успее.
Експерти за Русија предупредуваат дека Западот сè уште не ја согледува целосната димензија на случувањата. Како што изјавува Киир Џајлс од „Чатам хаус“, „уште не сме свесни колку многу работи се случуваат зад кулисите“.