„РУСИЈА ПЛАНИРА ДА НАПАДНЕ ЧЛЕНКА НА НАТО“ Шефот на германското надворешно разузнавање открива страшно сценарио

Раководството во Москва сè помалку верува дека НАТО би ги заштитил своите членки, изјави шефот на германската надворешна разузнавачка служба (БНД), Бруно Кал. Според него, германската разузнавачка служба има „конкретни докази“ дека амбициите на Русија не завршуваат со Украина.

905

Шефот на германската надворешна разузнавачка служба (БНД), Бруно Кал, предупреди дека Русија има планови за напад врз територија на НАТО, со цел да го тестира механизмот на заемна одбрана предвиден со членот 5 од Северноатлантската повелба.

Во интервју за германскиот поткаст Тејбл брифингс (Table Briefings), Кал изјави дека раководството во Москва повеќе не верува дека НАТО навистина ќе ги брани своите членки. Тој нагласи дека германските разузнавачи располагаат со „конкретни докази“ дека Украина не е крајната цел на Русија, објави Ројтерс.






– Не им треба да испраќаат тенкови за тоа. Тие само треба да испратат „мали зелени луѓе“ во Естонија за да го бранат наводно угнетеното руско малцинство – забележа Кал.

Член 5 се однесува на клучен принцип на Северноатлантскиот договор, кој ги обврзува сите членки да го третираат нападот врз една членка како напад врз сите и да обезбедат помош. Членот е активиран само еднаш, по терористичките напади на 11 септември врз САД во 2001 година.

Терминот „мали зелени луѓе“ првпат беше употребен во однос на руските војници без ознаки кои зазедоа клучни стратешки објекти на Крим во 2014 година, во почетната фаза од руската окупација на украинскиот полуостров.

Кал додаде дека Русија сака да го потисне НАТО назад кон границите од 1990-те, да ги истисне САД од Европа и да го прошири своето влијание со сите средства.

Овие изјави се надоврзуваат на претходните предупредувања на германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, кој рече дека Германија мора да биде подготвена за војна до крајот на деценијата. Слични проценки пристигнаа и од данската воена разузнавачка служба, која во февруари објави дека Русија би можела да покрене нов напад во рок од 6 месеци по евентуален крај на војната во Украина.

Според најновиот извештај на германскиот Сојузен уред за заштита на уставниот поредок (BfV), Русија сè почесто се служи со кибернапади и со шпионски активности за дестабилизација на Западот. Постои сомнение дека таканаречени „агенти со низок профил“ испраќале запаливи направи што предизвикале пожари во европски логистички центри.

– Сведоци сме на тоа како руската агресија врз Украина ги тестира и нашите кибер-защитни капацитети – изјави заменик-директорот на германскиот Сојузен уред за заштита на уставниот поредок, Синан Селим.

Поврзани содржини