РУСИЈА НАПАЃА УКРАИНСКИ ЕНЕРГЕТСКИ ОБЈЕКТИ Полска затвори, па отвори два големи аеродроми

Владата почна итни прекини на електричната енергија низ целата земја, вели украинскиот министер за енергетика, Денис Шмигал.

236

Русија ноќеска почна масовен воздушен напад врз украинските енергетски инфраструктурни објекти насочени кон производство и дистрибуција на електрична енергија, изјави украинскиот министер за енергетика, Денис Шмигал.

„Руските криминалци почнаа уште еден масовен напад врз енергетските објекти на Украина. Нападот е во тек. Енергетските работници се подготвени да почнат со поправки штом ќе дозволи безбедносната ситуација“,  напиша Шмигал на Телеграм.






Владата почна итни прекини на електричната енергија низ целата земја, додаде Шмигал.

Руски воздушен напад вчера погоди и засолниште за кучиња во градот Запорожје. Тринаесет кучиња беа убиени, а седум беа повредени, соопшти градската власт.

Руски воздушен напад во регионот Запорожје во раните утрински часови вчера повреди осум лица и оштети 18 станбени згради, изјави претходно шефот на регионалната воена администрација, Иван Федоров.

Русија вчера лансираше 328 дронови и 7 ракети во Украина, а воздушната одбрана собори 297 дронови.

Во услови на студена зима, над 1.200 станбени згради во различни области на главниот град Киев со денови се без греење поради руското бомбардирање на електричната мрежа, објави вчера претседателот Володимир Зеленски и повика на подобрување на работата на украинските воздухопловни сили.

Поради воздушните напади во близина на границата Полска утрово ги затвори, па подоцна ги пушти во функција аеродромите во Лублин и Жешов во југоисточниот дел на земјата.

„Во врска со потребата да се обезбеди можност за слободно работење на воената авијација, аеродромите во Лублин и Жешов привремено ги прекинаа летовите“, напиша Полската агенција за воздушна навигација на Икс.

Двата града се блиску до границата со Украина, а Жешов е главен дистрибутивен центар на НАТО за снабдување со оружје за Украина.

Воената авијација почна да работи во полскиот воздушен простор поради руските напади врз Украина, објави Оперативната команда на полските вооружени сили.

„Овие акции се од превентивен карактер и имаат цел да ја обезбедат безбедноста на воздушниот простор, особено над граничните области“, соопшти командата.

Кратко подоцна, тие објавија дека операциите на воената авијација поврзани со руските напади врз Украина се завршени, нагласувајќи дека немало нарушување на полскиот воздушен простор.

Поврзани содржини