РУСИЈА ИСПРАТИ ПАДОБРАНЦИ ВО КАЗАХСТАН Во немирите повредени се над 1.000 демонстранти
Протестите првично беа усмерени против растечките цени на течниот гас, но по неколку дена се претворија во антивладини демонстрации и се проширија низ целата земја.
Десетици демонстранти се убиени во судирите со полицијата на протестите во стопанската метропола Алмати, според извештаи од Казахстан. Жртви има и меѓу полицајците, а вкупно повредени се над 1.000 луѓе, пренесуваат странските агенции, повикувајќи се на податоци од казахстанското Министерство за здравство.
Како што е наведено, речиси 400 од ранетите се хоспитализирани, а на одделението за интензивна нега има 62 лица.
„Екстремистичките сили“ се обидоа да продрат во управната зграда, како и во централата и повеќе полициски објекти во Алмати, изјавил полицискиот портпарол Салтанат Асирбек за новинските агенции Интерфакс-Казахстан, Тасс и Риа Новости. Десетици напаѓачи „биле елиминирани“.
Протестите првично беа усмерени против растечките цени на течниот гас, но по неколку дена се претворија во антивладини демонстрации и се проширија низ целата земја.
Во економската метропола Алмати вчера илјадници луѓе продреле во седиштето на градската управа и во други владини објекти, повеќе од зградите биле запалени.
Претседателот на државата Касим Жомарт Токаев вовел вонредна состојба поради безредијата, во цела земја е во сила полициски час, ограничувања на патувањата и забрана за одржување собири.
Руските Воздухопловно-космички сили и транспортната авијација испратија припадници на Воздухопловните сили во Казахстан, како дел од мировните сили на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), соопшти денеска Секретаријатот на таа организација.
„Руските воени единици на Воздухопловните сили се приклучија на колективните мировни сили на ОДКБ“, се вели во соопштението на Секретаријатот, пренесува руската агенција ТАСС.
Членки на ОДКБ се Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, а Србија и Авганистан имаат статус на набљудувач.
Протестите поради високите цени на горивото избија на 2 јануари во регионот Мангистау во југозападен Казахстан, а два дена подоцна протести го зафатија Алмати, југоисточниот дел на земјата и други градови.
Соединетите Американски Држави го осудија насилството и вандализмот во Казахстан. Стејт департментот ги повика демонстрантите и властите во централноазиската земја да се воздржат.
Нарекувајќи го Казахстан „вреден партнер“, ги повика сите Казахстанци да ги почитуваат институциите, човековите права и медиумските слободи.