РУСИЈА ГУБИ И СТАНУВА ПООПАСНА Лондон предупредува дека на удар ќе бидат цивилни цели

Бидејќи се соочува со порази на фронтот, Русија најверојатно ќе го прошири бројот на локации на кои е подготвена да ги нападне во обид директно да го поткопа моралот на украинскиот народ – сметаат британските разузнавачи.

1,019

Британското Министерство за одбрана денеска предупреди дека најверојатно Русија, како што ќе трпи воени порази, ќе ги интензивира нападите врз цивилни цели. Според Лондон, Русија изминатите седум дена ги интензивира нападите врз цивилната инфраструктура, дури и во местата каде тоа нема некое воено значење.

– Бидејќи се соочува со порази на фронтот, Русија најверојатно ќе го прошири бројот на локации на кои е подготвена да ги нападне во обид директно да го поткопа моралот на украинскиот народ и Влада, се наведува во соопштението на британското Министерство за одбрана.






Додека според Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон, руските сили во Доњецк продолжиле да спроведуваат „безначајни операции“ во селата наместо да ја зајакнуваат линијата на фронтот.

Од друга страна, претседателот на Украина, Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до нацијата ги обвини руските сили за мачење на населението во окупираниот украински регион Харков.

– Во ослободениот регион откриени се најмалку  десет места за мачење. Тортурата беше широко распространета практика на окупираната територија, изјави Зеленски.

Тој ги нарече руските сили окупаторите и фашисти и нивното однесување го поистовети со однесувањето на нацистите.

– Како и нацистите, Русите за своите постапки ќе одговараат на суд. Ќе ги утврдиме идентитетите на сите оние кои мачеа и малтретираа луѓе, посочи Зеленски.

Тој додаде дека докази за мачење пронајдени се и на телата откриени во масовната гробница во шума во близина на градот Изјум. Меѓународната заедница вчера побара формирање на меѓународен суд кој ќе ги истражува воените злосторства во Украина.

Поврзани содржини