РУСИЈА ГИ КОРИСТИ ГАСОТ И НАФТАТА КАКО ОРУЖЈА Украински министер ја коментира енергетската криза

Кулеба изрази уверување дека намалувањето на испораките на гас нема да доведе до распаѓање на ЕУ и посочи дека на крајот Русија ќе загуби, а Украина и Унијата ќе победат.

48

Русија води енергетска војна против Европа, тврди министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

– Русија со децении ги користи гасот и нафтата како оружје. Затоа, не треба да изненадува сега, под овие околности, истото го прави. Русија ги направи гасот и нафтата оружје и води енергетска војна против Европа – изјави Кулеба за австриската телевизија „Пулс24“.






Тој истакнува дека само транзицијата кон обновлива енергија може да ја ослободи Европа од зависноста од рускиот гас.

– Мислам дека употребата на гасот како оружје е јасна порака до германската и австриската економија дека мора да ја забрзаат зелената агенда и транзицијата кон обновливи извори на енергија – вели шефот на украинската дипломатија.

Кулеба изрази уверување дека намалувањето на испораките на гас нема да доведе до распаѓање на ЕУ и посочи дека на крајот Русија ќе загуби, а Украина и Унијата ќе победат.

– Не верувам дека ќе бидат укинати санкциите или дека ќе се намали притисокот врз Русија – додаде тој.

На прашањето дали Русија нема проблеми со пристапувањето на Украина во ЕУ, Кулеба посочи дека однесувањето на Русија е секогаш исто, без разлика дали се работи за Украина или некоја друга земја.

– Прво се закануваат дека ќе те казнат на најлош начин ако направиш нешто. Потоа, кога ќе увидат дека изгубиле, велат дека никогаш не било проблем, и дека е во ред да се прави тоа што се сака. Погледнете како тие го коментираа приемот на Шведска и Финска во НАТО. Истата шема – подвлече тој.

Кулеба апелираше до Европа и светот да достават оружје во Украина.

– Најдобар и најбрз начин да се стави крај на оваа војна е да се снабди Украина со неопходното оружје – рече тој.

Тој уште рече дека моменталната состојба на фронтот на истокот е тензична.

– Не можам да зборувам за бројки, но за жал нашите загуби се болни, не само кога се во прашање загинатите, туку и за повредените. Секој ден зборуваме за десетици повредени и мртви – рече Кулеба.

Поврзани содржини