РУСИЈА ДВАПАТИ БИЛА „ОДБИЕНА“ ЗА ВО НАТО? Еве како и зошто земјата денес не е членка на Алијансата

Министерот за надворешни работи Вјачеслав Молотов побарал руско приклучување на НАТО со што Европа ќе се неутрализира и ќе добие на руско влијание. Во замена, Русија би дозволила Германија да се обедини. На ова веднаш се спротивставиле САД и Велика Британија, а подоцна и Франција. Британскиот генерал Исмеј Хејстингс го исмеал предлогот велејќи дека „советското барање за приклучување кон НАТО е како непокајаниот провалник кој бара да се приклучи на полициските сили“.

1,431

Рускиот претседател Владимир Путин неформално предложил Русија да биде членка во НАТО пред 22 години, кога токму дошол на позицијата претседател, но „не сакал да чека со неважните земји“, ниту да аплицира. Ова го раскажува Џорџ Робертсон, тогашниот предводник на НАТО и британски министер за одбрана, пишува Гардијан.

Но, тоа не било првиот пат да се отвори оваа идеја. Историјата вели дека Русија во времето на СССР и вистински побарала членство во НАТО, плашејќи се од обединувањето на Германија и сакајќи повеќе влијание во Европа. Всушност, откако Русија била исмеана, бил создаден Варшавскиот пакт.






СССР се плашел од Обединета Германија, затоа побарал членство

Приказната почнува во 1954 година. По војната, многу земји се плашеле дека Германија, која била поделена на Источна и на Западна, ќе посака да се обедини и се плашеле од нејзината воена моќ. На чија страна би била обединета Германија? За сето ова тактизирала и Русија. Министерот за надворешни работи Вјачеслав Молотов побарал руско приклучување во НАТО со што Европа ќе се неутрализира и ќе добие на руско влијание. Во замена, СССР би дозволил Германија да се обедини.

На ова веднаш се спротивставиле САД и Велика Британија, а подоцна и Франција. Британскиот генерал Исмеј Хејстингс го исмеал предлогот велејќи дека „советското барање за приклучување кон НАТО е како „непокајаниот провалник кој бара да се приклучи на полициските сили“. Според западните сили, обединета Германија требало да биде на страната на Западот.

Неутрална Европа значи советска Европа

„Неутрализацијата значи советизација“, се спротивставил и Конрад Аденауер, канцеларот на Западна Германија, кој се плашел дека во таква неутрална Европа до израз ќе дојдат социјалистите од ЦДУ.

„Западните земји имаа мал интерес да ја истражуваат оваа понуда“, ќе забележи историчарот Џон Гадис. Договорот пропаднал. На 9 мај Западна Германија биле официјално примена во НАТО, додека Источна Германија останала под советско влијание. На СССР ѝ преостанало следната 1955 година да го создаде Варшавскиот пакт.

Кога ќе нè поканите во НАТО?

Речиси 45 години подоцна, по Студената Војна и падот на Берлинскиот ѕид, во 2000 година Владимир Путин и Џорџ Робертсон на маса ја ставаат оваа несекојдневна идеја. Робертсон се сеќава како течел разговорот:

– Кога ќе нè поканите да се приклучиме на НАТО? – прашал Путин.

– Ние не ги покануваме луѓето да се приклучат на НАТО, тие аплицираат за да се приклучат на НАТО – одговорил Робертсон.

– Па, ние не (планираме да) стоиме во линија со неважните земји – рекол Путин мислејќи на Полска и неколку источноевропски земји кои тогаш имале поднесено апликација.

Но, Путин бил сериозен во својата намера. Подоцна, во интервју за Би-Би-Си, тој изјавил дека на Фрост му рекол дека нема да ја исклучи можноста за влез во НАТО „ако и кога ќе се земе предвид ставот на Русија да влезе како рамноправен партнер“.

– Русија е дел од европската култура. И не можам да ја замислам мојата земја изолирана од Европа и она што често го нарекуваме цивилизиран свет – изјавил тогаш Путин за Би-Би-Си.

фото: твитер/принтскрин

Европа се двоуми меѓу Западот и Русија

Во меѓувреме, можниот конфликт во Украина доби „одмор од две недели“ за вжештените глави да разговараат во Париз. Ќе успеат ли Франција и Германија да ги вразумат НАТО и Русија? Доколку дојде до војна, како НАТО-членки тие формално би требало да застанат на страната на Западот и на Украина. Но, Украина не е членка на НАТО, што ги комплицира работите.

Неодамна, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека сојузниците се „едногласни“ во својот одговор, но Џорџ Робертсон потсетува дека последниот пат кога од нив била побарана согласност, имало тензии. Тој се сеќава на 11 септември 2001 година кога кулите близначки во САД беа срушени од терористички напад. САД тогаш го активираа членот 5 од клаузулата на НАТО со кој секоја од другите членки ќе го смета нападот на друга членка, како закана за својата земја и се обврзува да помогне и да се вклучи во одбраната.

Наместо едногласност, еден министер на состанокот веднаш го пресекол Робертсон со прашањето „дали ова значи дека сојузниците ѝ даваат бланко-чек на Америка да го нападне Ирак“.

„Не, не“, морал да објаснува Робертсон за да ги смири тензиите во Алијансата.

Поврзани содржини