Во нашата држава премногу се користи еден термин кој голем дел од нашиот политички или НВО сектор не го разбира суштински. Секогаш кога ќе слушнете за изразот „STOP BRAIN DRAIN“ тој е со првична идеја „Increasing investments into certain areas of the economy“ (свесно е без превод). Дали има потреба од превод? Апсолутно НЕ. Зошто? Од едноставна причина. Претходно споменатите се уверени дека кованицата е само некоја проектна програма која се злоупотребува за исполнување нечии лукративни мотиви без разлика дали станува збор за политичка или „НВО“ инспирација.
За жал на претходниве има и такви кои знаат дека кованицата која значи стопирање на одливот на мозоци од Македонија, е прашање за иднината на татковината, а не нечиј моментален проект за наплаќање хонорари.
Постојат и личности како mинистерката за труд и социјална политика, родум од Струмица, која е убедена дека ќе спечали 100 гласови плус за својот СДСМ ако популистички крикне „Јас рудник не дозволувам да се изгради во Струмичката котлина“. Ова нема врска со еко туку исклучиво со политички активизам.
Затоа, сега наметнувам една дилема поврзана со ресорот труд и социјала. По прашање на преваленцијата на попреченоста, Светската здравствена организација (World Health Organization – WHO) проценува дека 15 % од светската популација има некоја форма на попреченост, од кои 2-4 % имаат значителни тешкотии во секојдневното функционирање. Користејќи ги последните достапни информации за бројот на населението во Македонија и аплицирајќи го светскиот процент, согласно оваа формула, произлегува дека 303.382 граѓани во Македонија имаат некаква попреченост. Клучното прашање е како државата успешно да им го олесни животот на оваа категорија наши сограѓани. Со предизборен популизам или со системски решенија за кои се неопходни пари?
Затоа како држава мораме да вложуваме во здравјето на целата нација и да вложуваме во заштитата на нашите деца. Ако можевме ние да останеме во Македонија и да вложуваме во нашата среќа зошто пак други да заминат. Мудра држава изнаоѓа начини како да привлече инвеститори кои заработуваат милијарди и имаат желба да инвестираат дел од нивните пари во Македонија. Нашите аргументи се многу едноставни. Имаме рударска металична жица која поминува низ територијата на Источна Македонија, со застапеност на бакар како руда со вредност од 20 милијарди евра. Доколку се преработува оваа руда кај нас во нашата држава проценката на искрените и интелектуално-образованите професори е дека вкупната инвестиција и потенцијална заработувачка е 70 милијарди евра.
Дали можете да замислите што значат 70 милијарди евра? И тоа не било каде, туку во Македонија. Зарем не е убавина нашите деца од Струмиченца, се извинувам Пјаченца да се вратат кај своите блиски. Да не спијат по пет луѓе во иста соба во туѓина и единствена забава да им биде во сабота кога можат да здивнат и да испазарат намирници кои ги имаат и во Македонија. Па замислете мајка и внуците од синот кој е во близина со својот татко, брат, зет итн.
Наместо тоа ние си имаме лажни екологисти кои залутале во своите умствени авантури, а кои немаат никаква врска со реалноста и кои одработуваат за да не се случат опишаните средби помеѓу мајка и син. Да, овие одработуваат младото работоспособно население да остане во туѓина. Овие личности кои немаат реализирано детство ама имаат несреќен приод кон младоста ги бркаат струмичани од најмалку две причини:
– заради свесно осиромашување на Македонија со измислени панични сценарија по здравјето на граѓаните, животната средина и земјоделието,
– заради лични привилегии и ќар ползуван од антизападни центри на моќ кој делуваат со политичко-безбедносна агенда во која предизвикување арбитражни постапки со астрономски отштети на товар на државните буџети се составен дел.
Мојата определба е да се борам за сигурната иднина на моите деца и генерациите кои доаѓаат. Верувам дека е можен пресврт. Ќе ја завршам колумната со една моја визија која како искрен патриот верувам дека е можно навистина да се случи. Конечно најодговорните политички партии да покажат на дело дека разбрале дека инвестициите во рударството мора да бидат надвор од нивните дневно-политички агенди, бидејќи реализирањето на овие инвестиции опфаќаат период подолг од еден четиригодишен мандат.
Се будам на Меѓународниот ден на трудот, 1 мај 2024 година. Седум дена пред гласањето на вториот круг на претседателските и парламентарните избори. Кампањата е жестока, се води борба за секој глас. Отворам компјутер и читам вести. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски претходната вечер бил на митинг во Струмица. Во својот говор соопштил дека доколку стане премиер, неговата Влада ќе овозможи конечен старт на изградбата на рударскиот комплекс Иловица. Потенцирал дека Македонија нема многу опции како да стане економски стабилна на подолг период. Рударските инвестиции се можност за нови вработувања и враќање на работоспособните граѓани од туѓина. Гледам најава за прес конференција на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во 13 часот.
Во меѓувреме го пребарувам ставот на еко(Ру)силниците. Читам, Крум Велков напишал дека ВМРО-ДПМНЕ извршиле предавство на населението во Струмичката котлина и поради тоа ќе ги изгубеле изборите во 4-та изборна единица. Според него, опозицијата си дала автогол и му овозможила на СДСМ, во спортски жаргон, да шутира пенал.
Почнува пресот на Ковачевски. Следам во живо. Го честита 1 Мај на работниците од партиското седиште на СДСМ. Наеднаш, без никој да го праша, соопштува дека и ставот на СДСМ е дека не само рударскиот комплекс Иловица – Штука, туку и Казандол треба да почне да се гради, бидејќи тоа ќе отвори нови работни места, кои ќе бидат мотор за македонската економија. Си велам, можно ли е?!
Левица лиферува итно соопштение во кое ги обвинува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека се НАТО фундаменталисти и дека работат исклучиво под диктат на крупниот капитал. Ги повикува Крум Велков и Ангел Наков заедно да фрлаат хартии кон неколку западни амбасади.
Неколку телевизии прават анкети меѓу локалното население во Струмичката котлина. Значителен број анкетирани сега се одважуваат да соопштат одобрувачки ставови за изградба на нови модерни рудници. Велат дека одамна верувале дека ова е единствениот начин да заживее регионот, да се вратат младите од туѓина и да се обезбеди долгорочен стабилен економски развој.
На 2 мај 2024 концесионерите на Казандол и Иловица-Штука самоиницијативно пред телевизиски камери потпишуваат нотарски гаранции дека надзорот на изградбата на рудниците и процесот на експлоатација ќе го врши Независно мониторинг тело во кое ќе членуваат граѓани, вистински експерти, претставници на државни институции кои постојано ќе имаат увид и ќе гарантираат дека се спроведуваат најмодерни технологии кои целосно го заштитуваат здравјето, животната средина и земјоделството.
Македонските иселеници од овие краеви најавуваат дека ќе се вратат во Македонија доколку навистина се изградат рударски комплекси кои ќе овозможат нови достоинствени работни места.
Ај да видиме дали мојот сон може да стане јаве оваа година или ќе ни треба уште малку повеќе време за национално созревање…