Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, на која беа договорени деталите за примопредавање на опремата што РСБСП ја обезбеди за надлежните сообраќајни единици во МВР.
РСБСП годинава обезбеди 15 моторцикли со комплет опрема.
Од МВР информираат дека со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет секоја година 30 отсто од средствата ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во Министерството за внатрешни работи која врши контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата.
Министерот Спасовски на средбата изразил задоволство од досегашната соработка со РСБСП со надеж дека и во наредниот период ќе биде интензивирана. Кожуваровска посочила дека соработката на РСБСП и МВР се реализира на високо ниво, потенцирајќи дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет и дека со заедничка соработка и со комбинација од превентивни и репресивни мерки се придонесува за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.
Кожуваровска во име на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му додели плакета за успешната соработка и поддршка во работењето на РСБСП и унапредувањето на безбедноста на патниот сообраќај.