Женскиот фудбалски клуб „Љуботен“ од Тетово објави дека како најново засилување во екипата е фудбалерка од Бразил. Станува збор за 21 годишна девојка која ќе игра во нападот со целосно име Ана Бетриз Тарантино Гуилермо Салино или со прекар Роналдиња.
– Чест и задоволство ние да ви ја претставиме првата бразилска фудбалерка во Прва македонска фудбалска лига за жени Ана Беатриз Тарантино со уметничко име Роналдиња, поранешен член на Васко Де Гама во Бразил и доскорешен член на ФФК Вондерланд од Австрија. Роналдиња ќе претставува капитално засилување во остварување на целта, создавање на тим за европски достигнувања – соопштија од ЖФК Љуботен.
Минатата недела „Љуботен“ го назначи Небојша Бреѓан од Србија за нов спортски директор со најава дека ќе се носат звучни имиња кои се очекуваат да го засилат тимот. Неделава покрај Роналдиња на клубот му пристапи и Сања Митреска-Сани која по шест месеци се враќа во Љуботен од АС Јунајтед Струга, инаку доскорешна репрезентативка во У19 тимот.