РОМАНИЈА НА ЧЕКОР ДО ИЗГРАДБА НА ВТОРИОТ НАЈГОЛЕМ РУДНИК ЗА БАКАР ВО ЕУ Во проектот вклучена и фирма позната за македонската јавност
Ова е второто најголемо наоѓалиште на злато во Европа и е второто докажано најголемо наоѓалиште на бакар, измерено и индицирано во европски контекст.
Романија е на чекор до изградба на еден од најголемите рудници за бакар и злато во Европа, „Долина Ровина“. Процедурите за проектот забрзаа откако тој се најде на листата на 47 стратешки проекти на Европската Унија, кои тежнеат да го направат континентот енергетски независен од трети страни. За рудникот да почне да се гради недостасува уште документот од проценката за влијанието врз животната средина, кој се очекува да биде изготвен во наредните месеци. Проектот, управуван од компанијата „Еуро Сан Мајнинг“, која котира на берзата во Торонто, е стратешки лоциран во историскиот рударски регион на Романија и содржи околу 10,4 милиони унци еквивалент на злато.
Овој проект е еден од столбовите на Директивата за критични минерални суровини на ЕУ, па затоа доби стратешки статус, што ги поедноставува временските рокови за дозволи и го става во рамките на приоритетната инфраструктура на Европа. Директивата има за цел да ја намали зависноста на Унијата од странски увоз преку поддршка на домашните иницијативи за рударство преку јасно регулирано законодавство.
– Ова е второто најголемо наоѓалиште на злато во Европа и е второто докажано најголемо наоѓалиште на бакар, измерено и индицирано во европски контекст. Во него има еден голем блок униформен бакар и злато, што е многу предвидливо во однос на волуменот и екстракцијата – изјави Грант Сабор, извршниот директор на „Еуро Сан Мајнинг“.
Според него, проектот „Долина Ровина“ има опипливи резултати по добивањето на стратешкиот статус од страна на ЕУ, особено поради поедноставувањето на бирократските ресурси и правната извесност. Станува збор за идеја која датира од 2006 година, која се соочувала со низа бариери, но и финансиски неизвесности. Барем во делот на финансиите, предизвикот е надминат откако во инвестицијата како покровител се вклучува мултинационалната компанија која се занимава со енергенси „Трафигура“. Финансискиот пробив на „Еуро Сан Мајнинг“ беше обезбеден преку договор за средства од 200 милиони долари со „Трафигура“ наменети за студиите, а партнерството, исто така, вклучува планови за дополнителни 200 милиони долари до отворањето на рудникот.
– Заедно со доделениот стратешки статус и нашата нова финансиска позиција, сме на прагот да бидеме целосно подготвени за реализација на овој проект кој ќе биде во корист на луѓето од Романија, но и од цела Европа – смета Сабор.
– Со задоволство ја поддржуваме „Еуро Сан Мајнинг“ во унапредувањето на проектот „Долина Ровина“, дом на вторите по големина наоѓалишта на бакар и злато во Европа. Со оглед на тоа што глобалната побарувачка за бакар продолжува да расте, поттикната од електрификацијата и индустријализацијата, потребата за безбедни, одржливи нови извори на снабдување е поважна од кога било – вели Рос Ридгвеј, шеф на Одделот за бакар во компанијата „Трафигура“.
Откако ќе ги комплетира дозволите во наредните неколку месеци, се очекува „Долина Ровина“ да стане најголемиот рударски проект во Романија во последните повеќе од 40 години. Според носителот на проектот, и покрај претходните одложувања во издавањето дозволи и тешкотиите со финансирањето, проектот е подготвен да создаде стотици локални работни места, да ја зајакне фискалната позиција на Романија и значително да придонесе за безбедноста на европската понуда на минерали.
Но, инвеститорот „Трафигура“ е познат и на македонската јавност. Оваа компанија со седиште во Женева, Швајцарија застана зад инвестицијата за изградба на рудник за бакар во Иловица, проект на компанијата „Еуромакс ресоурсес“. Од компанијата претходно ги посочија придобивките од изградба на рудник за бакар кај нас. Според претставници на „Еуромакс ресоурсес“, ќе бидат обезбедени нови работни места, но и можности за развој на нови бизниси во регионот. Оттаму соопштија дека првичната инвестиција за рудникот би тежела околу 340 милиони евра, со што ќе се зголеми БДП за 3% на годишно ниво. Дополнително, ќе се исплаќаат 25 милиони евра даноци годишно, вклучувајќи концесиски надоместоци од 3 милиони евра, кои директно ќе се влеат во буџетот на локалните општини. Откако ќе почне со производство, проектот Иловица-Штука се очекува да креира 1.000 директни работни места за време на изградбата и 500 директни работни места во текот на работењето, а вкупно 2.700 индиректни работни места ќе бидат обезбедени преку ангажирање на локални добавувачи. Но, проектот се соочуваше со правни неизвесности, па од компанијата истакнаа дека нивен последен чекор е меѓународната арбитража, зашто „Трафигура“ е мултинационална компанија со регионални центри на повеќе континенти, а главното седиште за Европа е во Женева, Швајцарија и правните можности за покренување меѓународната арбитража против државата произлегуваат од билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996 година.
Додека се чека исходот од инвестицијата за проектот во Иловица, компаниите кои сакаат да инвестираат во развој на рударски комплекси посочуваат дека најголем проблем претставува правната несигурност, која пак е предизвикана поради притисоци од дел од јавноста. Изминативе години нереализирани останаа најавите за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“, а потоа и рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе има пресуда во своја корист пред меѓународна арбитража.
Рударството во Македонија е со сѐ помало учество во бруто-домашниот производ на земјата и во земјава нов рудник се нема отворено изминатите 40 години, наспроти фактот што Македонија поседува голем дел од критичните минерали по кои трага Унијата. Засега неизвесно е дали за македонската рударска индустрија ќе има напредок откако властите формираа и Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, од каде пак најавија дека работат на нов Закон за рударство. Дополнително се очекува да се официјализира и текстот на Стратегијата за минерални суровини, чиј главен носител е МАНУ, од која се очекува да биде поддржан ископот на минерални суровини, на законски регулиран начин.