РОДНИНИТЕ НА ПОЧИНАТИТЕ МОРААТ ДА ОДАТ ВО СКОПЈЕ Без потврда од Судска медицина, нема извод од умрените
За да не се изложуват на дополнителни трошоци и непријатности, семејствата на настраданите треба претходно да добијат информација дали потврдата од Институтот е готова.
Семејствата чии блиски настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ треба да поседуваат потврда за смрт што ја издава Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје за да добијат Извод од книгата на починатите во Подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги во Кочани.
По налог на Обвинителството после трагедијата беше извршена обдукција, а обврска на Институтот е да издаде потврда за смрт, односно лекарски извештај за починатото лице.
– Близок од семејството, со своја лична карта и со извод од книгата на родените за починатото лице, треба да оди во Скопје и во Институтот за судска медицина да добие потврда. Се добиваат два такви документа, по што починатиот се запишува во книгата на умрените и ќе може да се издаде извод од книгата на умрените – информираа од Подрачната канцеларија на Управата за водење матични книги во Кочани.
За да не се изложуват на дополнителни трошоци и непријатности, семејствата на настраданите треба претходно да добијат информација дали потврдата од Институтот е готова.
Законска обврска на Управата за водење матични книги е сите лица кои починале во трагичниот пожар да ги запише во книгата на умрените во Кочани, без разлика во која општина се родени и живееле. Изводот што потоа се издава е неопходен за да можат семејствата на починатите да ги остварат натамошните права.