НЕРВОЗНИ РОДНИНИ – На 03.11.2020 во 20.00 часот во Полициската станица Карпош, Б.О.(36) пријавил дека околу 15.00 часот на ул.„Партизанска“, додека со неговата сестра Б.А. и неговиот брат И.О. отишле кај нивните роднини А.О. и О.О., за да разговараат за претходна расправија, А.О. се обидел да го нападне со остар предмет, но бил спречен од И.О. и О.О.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СОСЕДОТ МУ ИЗВАДИЛ НОЖ – На 03.11.2020 во 14.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, З.С.(71) од Скопје пријавил дека во 14.00 часот, пред неговата куќа, неговиот сосед С.С. му се заканувал и се обидел да го нападне со остар предмет, но бил спречен од неколку лица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
КУПУВАЛ СО ТУЃА КАРТИЧКА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против М.Ц.(20) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 19.10.2020, пријавениот во три наврати неовластено, од дебитната картичка на Р.Ѓ. од Делчево, извршил плаќање преку интернет, при што предизвикал материјална штета.
МАРИХУАНА ВО ЧЕРКЕЗИ – На 03.11.2020 во 20.25 часот, полициски службеници од СВР Скопје на наплатна станица Миладиновци го лишиле од слобода К.А.(22) од с.Черкези, кумановско, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
ПРОСЛАВА ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Н.Т.(18) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „пренесување заразна болест“ и ,,непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавениот, на 17.10.2020 во својот дом во Кочани организирал прослава на која присуствувале поголем број лица, иако бил должен да ја извршува мерката изолација во домашни услови, со издадено Решение на 14.10.2020 од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
КРАДЕЛЕ ДРВА – СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.Б.(40), Р.Б.(20) и Б.Џ.(40), сите од струшкото село Мислодежда, поради постоење основи на сомнение за сторено на кривично дело „кражба“. Пријавените, на 22.09.2020 во шумското подрачје „Орли врв“, атар на селото Црвена Вода, општина Дебрца, со која стопанисува ЈП „Национални шуми“, без одобрение за сеча, пресекле околу 19 метри кубни огревно дрво. Тие биле затекнати од полициски службеници и претставници на Шумското стопанство. Дрвната маса била одземена и пренесена во седиштето на Јавното претпријатие.
ИСТЕПАНА ВО ЧАИР – На 03.11.2020 во 20.00 часот во СВР Скопје, Ф.А.Б.(23) од Скопје пријавила дека на 02.11.2020 околу 17.30 часот во Поликлиника Чаир, каде што е вработена, била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.
ТЕПАЧКА НА АВТОПЛАЦ – ОВР Струга поднесе кривична пријава против Г.О.(28) и А.О.(32), двајцата од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. Пријавените, на 22.10.2020 на автоплац на пат за селото Долна Белица физички го нападнале сопственикот на плацот, нанесувајќи му повреди.
КОКАИН ВО КИЧЕВО – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против И.Б.(38) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 24.10.2020, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во Кичево, при што пронашле и одзеле кокаин. На И.Б. му била изречена мерка притвор во Казнено-поправната установа Затвор -Скопје.
ШЕФОТ ЈА НАВРЕДУВАЛ ВРАБОТЕНАТА – На 03.11.2020 часот во 14.30 часот во Полициската станица Центар, С.Ч.(57) од Скопје пријавила дека нејзиниот претпоставен И.Н., во 10.30 часот, поради недоразбирање на работа, вербално ја нападнал и ѝ упатил навреди и закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
(ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 04.11.2020)