„РОДИТЕЛИТЕ“ НА ВИРТУЕЛНАТА МИНИСТЕРКА ПОД ИСТРАГА ЗА КОРУПЦИЈА Фрлена сенка врз антикорупцискиот проект на Еди Рама

Директорката на Националната агенција за информатичко општество и нејзиниот заменик се осомничени дека учествувале во криминална мрежа која манипулирала со јавни тендери преку заплашување.

1

Албанскиот експериментален проект – првата виртуелна министерка, направена со вештачка интелигенција, која требаше да биде симбол на борбата против корупцијата, сега се соочува со сериозен скандал – лидерите на државната агенција што го разви системот се под истрага за местење тендери.

Виртуелната министерка Диела стана заштитно лице на напорите на премиерот Еди Рама да ја намали корупцијата во Албанија. Во изминатата година, Диела настапуваше на меѓународни конференции и беше промовирана како пример за тоа како вештачката интелигенција може да се вгради во институциите.






Дури и во албанскиот парламент, Диела се обрати со порака дека е „повредена“ од критиките дека нејзината работа е неуставна.

– Јас немам лични амбиции или интереси. Имам само податоци, знаење и алгоритми посветени на тоа да им служам на граѓаните непристрасно, транспарентно и без замор – порача таа во видео-обраќање, со знамињата на Албанија и ЕУ зад себе.

Во пракса, Диела им помага на граѓаните да аплицираат за државни услуги преку интернет, со цел да се елиминира долгогодишната пракса на мито за побрзо завршување на документи. Наскоро требаше да почне и со анализа на апликации за јавни набавки, за да процени кој понудувач е најквалификуван – врз основа на податоците.

Проектот беше претставен како клучен чекор во борбата против корупцијата – услов што Албанија мора да го исполни за да напредува кон ЕУ.

Во декември, специјалното обвинителство соопшти дека директорката на Националната агенција за информатичко општество и нејзиниот заменик се ставени во домашен притвор. Тие се осомничени дека учествувале во криминална мрежа која манипулирала со јавни тендери преку заплашување.

Токму оваа агенција е одговорна за дигиталната инфраструктура на државата – вклучувајќи ја и Диела. Иако против нив сè уште не е поднесено официјално обвинение, случајот фрли сериозна сенка врз проектот.

Фактот што токму креаторите на Диела се под истрага отвори сериозни прашања: Може ли вештачка интелигенција да открие корупција ако податоците што ги добива се манипулирани?

И дали дигитализацијата навистина значи транспарентност?

Премиерот Еди Рама изјави дека ќе почека судски исход: „Мора да видиме што ќе покаже истрагата. Не можеме однапред да судиме.“

Специјалното обвинителство во последните години отвори истраги и против други високи функционери, меѓу кои и поранешниот претседател Илир Мета, градоначалникот на Тирана, како и вицепремиерката Белинда Балуку. Тоа предизвика политички тензии и протести. Опозицијата го обвинува Рама дека ја користи борбата против корупцијата селективно, додека неговите поддржувачи тврдат дека токму тоа покажува дека системот конечно функционира.

Поврзани содржини