Стотина ученици од „Ѓорѓија Пулевски“ ќе слават полуматура, родителите загрижени
Директорот Јовановски вели дека прославата е на барање од родители и ученици и уверува дека ќе бидат запазени сите мерки за заштита од ковид-19.
Полуматура ќе слават стотина ученици од деветто одделение од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, при што родители се јавија со загриженост дали и како при прославата ќе се почитуваат мерките за заштита од ковид-19.
До нашата редакција пристигна реакција од родител како е овозможено да има ваква групна прослава и дали притоа ќе се почитуваат мерките за ковид-19. Родителот изрази сомнеж дека во петок ќе им биде доставено да потпишат согласност за учество на децата на прославата со што училиштето како организатор нема да сноси одговорност доколку некое дете биде инфицирано со коронавирусот.
– Како може да се организира прослава на околу 120 деца од девет паралелки, а со тоа да не почитуваат препораките за заштита од ковид-19? Ни го кажаа името на ресторанот, кој патем не можеме ни на Гугл да го најдеме и не знаеме колкав капацитет има, а според најновите мерки, дозволени се прослави во отворени ресторани со 50 проценти од капацитетот или не повеќе од 100 гости. Бевме информирани дека во петок ќе добиеме на потпис согласност дека на наша одговорност ги пуштаме децата на таа прослава, а училиштето и директорот нема да имаат никаква одговорност како огранизатори доколку некое дете биде заболено од ковид-19 – ни раскажа загрижениот родител.
Плусинфо стапи во контакт со директорот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, Маријан Јовановски кој вели дека прославата се организира на барање од родители и ученици и уверува дека ќе бидат запазени сите мерки за заштита од ковид-19.
– На барање на родителите и учениците е одлучено да се организира полуматурска вечер за учениците од IX одделение, а по дадена согласност од родителите претставници на паралелките, ние како училиште одлучивме да им овозможиме да организираат прослава – вели Јовановски.
Тој негираше дека станува збор за 120 ученици во IX одделение, туку дека станува збор за бројка не поголема од 100 деца и дека тоа е во согласност со протоколите, а прославата ќе се огранизира на отворен простор во објект кој има можност да прими 600 гости.
– Согласностите кои ќе им бидат дадени не се поврзани со ковид-19, туку се однесуваат на тоа дека родителите по завршување на прославата ќе дојдат да си ги земат своите деца и притоа да нема групирања при заминувањето од објектот, дали со такси возила или во едно возило повеќе деца. Присуството не е задолжително и може да дојде кој сака. Прославата се реализира според сите протоколи за заштита од ковид-19 кои се донесени од Комисијата за заразни болести – уверува директорот Јовановски.