РОДИЛА ДЕТЕ, ПА СЕ ФРЛИЛА ОД ПРОЗОРЕЦ 39-годишна скопјанка со тешки повреди е пренесена на КАРИЛ
Ноќта околу 21.30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за Пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат, се вели во соопштението на ГАК.
Родилка од Скопје, откако родила здраво машко бебе, синоќа се фрлила од прозорец на првиот кат на ЈЗУ Клиниката за гинекологија и акушерство во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во главниот град, соопшти ГАК.
За среќа, 39-годишната пациентка го преживеала падот и итно била пренесена на КАРИЛ во придружба на дежурната екипа.
„Пациентка на 39-годишна возраст од Скопје примена е на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје на ден 28.06. во 21.16 часот заради крвавење во последниот триместар од бременоста (36 гестациска недела). Пациентката веднаш е прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и е утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба којашто витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката. Пациентката веднаш е примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција. Пациентката е уредно следена на одделот за породени жени – Пуерпериум, согласно медицинските стандарди и протоколи. Во петокот, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена согласно дадените препораки. Следниот ден, пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинекошко-акушерски статус. Вчера, пак, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката“, наведено е во соопштението.
Ноќта околу 21.30 часот пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот на одделот за Пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат, се вели во соопштението.
„Пациентката итно е пренесена на КАРИЛ во придружба на дежурната екипа, а немилиот настан е веднаш пријавен во надлежните институции кои излегоа веднаш на терен за разјаснување на случајот. ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство-Скопје жали за немилиот настан и се надева на брзо закрепнување на пациентката“, соопшти ГАК.