РОДИ МЕ МАЈКО СО К’СМЕТ И ФРЛИ МЕ ВО ДРЖАВНА АГЕНЦИЈА Над 1300 евра плата зема советник во АЕК, а не е 1 туку се 11

Износите на платите од актуелниот оглас не се необични за оваа Агенција која важи за една од побогатите во земјава, но за разлика од, на пример, Регулаторната комисија за енергетика, овој регулатор не ги објавува платите ниту на раководниот тим, ниту на советниците ни на членовите на комисијата, за кои троши огромна сума пари.

1,621

Вреди да се бориш за работа во државните агенции, велат граѓани откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави оглас за вработување на 11 лица кои ќе имаат плата од 47.000 за работна позиција со средно образование, до 80.000 денари за советник.

Експертите се на став дека не смее да се дозволи драстична разлика на платите за исти позиции во јавниот сектор, и дека се покажало дека со високи плати во регулаторните тела не се намалува корупцијата, а работните места се кројат според партиските потреби и наградување поединци.






Износите на плати од актуелниот оглас не е необичен за оваа Агенција која важи за една од побогатите во земјава, но за разлика од, на пример, Регулаторната комисија за енергетика, овој регулатор не ги објавува платите ниту на раководниот тим, ниту на советниците ни на членовите на комисијата, за кои троши огромна сума пари. Но според она што го покажа последниот оглас, советниците најверојатно немаат плата под 1.300 евра, а платата на раководниот тим е далеку повисока од тоа. Просекот на плата, ако се смета дека среднист има плата од 47.000 денари не е под 1.000 евра.

Во Агенцијата за електронски комуникации, според списокот објавен на интернет страницата, работат 129 лица од кои 11 се советници на директорот.

Агенцијата годинава располага со буџет од 941.070.259 денари (над 15,2 милиони евра). Од нив 556.150.000 денари се планирани приходи, 240.249.66 денари вишоци од минатите години и пари кои треба да се обезбедат од различни извори.

Годинава, според финансискиот план, само за плати и придонеси за редовно вработените АЕК планира да потроши 166.464.000 денари (2,7 милиони евра). Износот за нето плати е 111.853.214 денари. Дополнително се испланирани и пари за договори за дело, персонален данок за членови на комисијата во износ од 1.500.000 денари, за нивните службени патувања во земјата и во странство, но и за договори за дело и друго.

АЕК годинава ќе исплати регрес за годишен одмор за што веќе издвои 4.000.000 денари што е речиси двојно повеќе од лани кога за оваа намена се потрошени 2.700.000 денари. Вработените во оваа Агенција најверојатно ќе земат повисок износ на к-15 од минималниот утврден за годинава од 11.477 денари. Грубата пресметка е дека на секој вработен АЕК, доколку плаќа иста висина на К-15 за сите вработени, на секој ќе му исплати по 500 евра регрес.

Според ребалансот на финансискиот план на Агенцијата, предизвикан од актуелната криза со енергенси се планираат кратења во повеќе ставки, но кај платите не се предвидува никакво намалување. Главно ќе се штеди на реклами, репрезентација (организирани јавни состаноци, организирани состаноци со регулаторни тела, меѓународна регулаторна конференција, и др.), патување и сместување во странство и усовршување на кадарот, но не на прехранбени продукти и пијалаци. Се кратат и средства за опрема, но ќе се поставуваат фотоволтаици, а ќе продолжи да се гради и антенскиот столб кој се гради со години.

Професорот по политички науки Здравко Савески вели дека ваков вид плати кои драстично стрчат во јавниот сектор не треба да се дозволи и покрај мислењето дека вработените во регулаторните тела со високи плати треба да се дестимулираат за корупција.

– Има една илузија што се провлекува десетици години во земјава дека со високи плати ќе се спречи корупцијата во регулаторните тела. Но, тоа изминативе 30 години се демантира повеќепати. Недозволиво е да се плаќаат високи плати во некои државни институции, ако во други платите се повеќекратно пониски. Владата треба да води сметка за ова и да ги нивелира коефициентите на највисоките раководни кадри и советници, а потоа секоја институција да ја усогласи систематизацијата и коефициентите според тоа. Да потсетам тоа е јавен сектор, не е приватен сектор кој одлучил самостојно според својот приход да ги определи платите на своите вработени онолку колку што ги експлоатира – вели Савески.

Тој смета дека парите кои секоја година се прикажуваат како вишоци во регулаторните тела треба да се пренасочат во буџетот и од нив да се финансираат проекти кои се насочени кон подобрување на социјалниот статус на многу сиромашните граѓани во земјава.

– Ако овие државни агенции имаат вишоци од пари, како што имаат, треба да ги пренасочат во буџетот и таму да се користат за проекти за кои фалат пари и за подобрување на социјалната положба на граѓаните – вели Савески.

Во овие државни агенции, додава тој, во кои платите се несразмерно високи во однос на она што го зема остатокот од јавниот сектор, се измислуваат работни места за наградување на одделни послушници на партиите и затоа состојбата е таква.

– Во овие државни агенции, во кои платите се несразмерно високи во однос на она што го земаат остатокот во јавниот сектор се измислуваат работни места за наградување на одделни послушници на партиите и затоа состојбата е таква, што го прави системот нефункционален и преполн со неквалитетен кадар – вели Савески.

И од синдикатот на УПОЗ се прашуваат како вработените во државните агенции исплаќаат плати кога за исто работно место во другите институции се зема далеку пониска плата.

– Овие вработени треба да земаат плата според Законот за државни службеници. Како успеваат да исплатат вакви плати за синдикатот е непознато бидејќи ниту една државна агенција не дозволува формирање на синдикална организација. Значи нема колективни договори во агенциите, а платите најверојтно се исплаќаат според интерни правилници, бидејќи вакви плати според законот не може да се исплатат за овие категории на државни службеници – вели претседателот на УПОЗ, Трпе Дејаноски.

Владата како транспарентен чин ги објави платите на избраните функционери, што во основа требаше да го следат и сите државни институции. Во јавноста веќе со години се зборува дека некои директори на државни агенции, дирекции, комисии, претпријатија земаат плати и по неколку илјади евра. Дали е така или не ќе дознаеме кога и овие институции ќе се охрабрат да бидат транспарентни.

Поврзани содржини