Роди ме мајко од татко аналитичар
Македонија ќе го издржи и синот на аналитичарот во Чикаго и презентерката во Њујорк. И онака никој до сега не очекувал ништо од дипломатијата, па сега да правиме пролем за две деца. Мислам, ова ќе ви го каже секој аналитичар.
Од некоја причина на светов постојат политички аналитичари. Тоа се луѓе што личат на останатите, но според начинот на кој егзистираат се специфични.
Аналитичарите коментираат и анализираат тоа што претходно го кажале политичарите. Живеат во симбиоза со луѓето од политиката, но и во корелација со новинарите. Секој просечен новинар во текот на денот ќе се слушне со барем двајца аналитичари, од кои ќе побара коментар, став или мислење. Поточно, новинарот ќе се јави на најмалку двајца аналитичари, за да добие избалансиран одговор околу некоја актуелна дилема. Зошто? Зашто ни еден аналитичар всушност не прави објективна анализа на одредена состојба, туку своите ставови ќе врзува за одредена политичка опција. Близок е до власта или до опозицијата, со тоа што според правилата на аналитичарите, дозволено им е да ги менуваат страните од време на време.
Но, тоа што е најинтересното за аналитичерите, покрај фактот дека се секогаш спремни да дадат изјава, е тоа дека тие не примаат плата за својата работа. Може еден аналитичар да направи десет анализи во текот на денот и тоа да го направи бесплатно. Не го плаќаат телевизиите, порталите или весниците за неговите екпспертизи. Тој не добива плата ниту од партијата, чии тези безпоговорно ги поддржува.
Но, кога ќе ги запрашате аналитичарите зошто го работат тоа што го работат без да бидат платени за сработеното, тие ќе ви кажат дека тоа го прават за влијание. Какво влијание? Па за влијание во јавноста, во медиумите и во партијата околу која орбитираат. Колку влијанието им е поголемо, толку и шансата за лукративни зделки е поголема.
Аналитичарите се луѓе од крв и месо. Тие работат како просветни работници, менаџери, референти, поседуваат фирми, посредуваат во бизнисот, вадат дозволи за градба и имаат свои луѓе во секоја општина. Со правилната доза на влијание, тие можат да станат членови во управни одбори, директори на јавни претпријатија, а нивните деца да ги испраќаат со државни стипендии на студии во странство, да ги вработуваат на одговорни позиции без грам искуство и да ги наместат за конзули во Чикаго.
Значи, додека со избистрен ум аналитичарот пред ТВ камера тврди дека на Македонија не ѝ се потребни нови избори, во МНР се подготува агреманот за неговиот син конзул. Ете тоа е влијанието за коешто тие се борат.
Македонија ќе го издржи и синот на аналитичарот во Чикаго и презентерката во Њујорк. И онака никој до сега не очекувал ништо од дипломатијата, па сега да правиме проблем за две деца. Мислам, ова ќе ви го каже секој аналитичар.