РОБОТСКА ХИРУРГИЈА ЗА ПРВПАТ ВО МАКЕДОНИЈА Во тек е реконструкција на 7 операциски сали во ГОБ „8 Септември“
Предвидени се 7 нови операциски сали со површина од 750 метри квадратни, од кои две за абдоминална хирургија, две за уролошка интервенција, две за уво нос и грло, и една за очна хирургија, а на одделот за интензивна нега ќе има 7 целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени, линиски поставени кревети.
Во здравствениот сектор имаме инвестициски бум во инфраструктура, технологиите и во човечките ресурси, затоа што ние веруваме дека со зајакнување на овие три столба ќе ги подобриме здравствените услуги за граѓаните, рече министерот за здравство, Азир Алиу, кој заедно со претмиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Александар Николоски изврши увид во градежните активности за реконструкција и адаптација на оперативниот блок и интензивната нега во Градската општа болница „8 Септември“, Скопје.
– Денеска видовме инвестиција од 12 милиони евра, а 750 метри квадратни се операциски сали. Станува збор за 7 операциони сали, од кои едната е за роботска хирургија, за првпат во нашата држава. Исто така и 500 метри квадратни се лаборатории со најнови технологии. Ценам дека овој пристап ќе придонесе кон европско здравство каде услугите ќе бидат дадени во реално време и со квалитет според строги протоколи – истакна министерот Алиу.
Со оваа значајна капитална инвестиција значајно ќе се подигне степенот на пружање здравствена заштита, во најмодерни услови по најсовремени европски и светски стандарди, информира Министерството за здравство.
Предвидени се седум нови операциски сали со површина од 750 метри квадратни, од кои две за абдоминална хирургија, две за уролошка интервенција, две за уво нос и грло, и една за очна хирургија. Проектот предвидува и нова апаратура со најсовремени болнички услови за пациентите и за здравствените работници. Целосно ќе се санира и кровот на болницата.
На одделот за интензивна нега на површина од 500 метри квадратни се предвидени седум целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија.

Премиерот Мицкоски им се заблагодари на луѓето од болницата и на директорот што и покрај редовните активности, секој ден поминуваат и во овој градежен дел, којшто треба да биде, како што рече, најсовремен и најубав во Македонија, а е дел од јавното здравство.
– Очекувам дека до крајот на годината ќе биде и првата хируршка интервенција отпочната и успешно завршена. Би сакал да спомнам уште еден факт што не го кажа директорот, можеби затоа што е скромен, а тоа е фактот дека од стотици милиони долгови сега болницата работи позитивно, односно работи во интерес прво на пациентите, а потоа и задоволството на здравствените работници коишто се тука. Така што уште еднаш дозволете ми да посакам успешно завршување на овој проект, сепак во јавното здравство инвестиција од 12 милиони евра преставува нешто коешто не се случило со години и коешто се надодава на сите оние инвестиции коишто ги работат Министерството за здравство, министерот, директорот на Фондот за здравствено осигурување. Во деновите што следат ќе имаме уште многу промоции на реновирани објекти, на инвестиции во здравството – рече Мицкоски.
